Продолжуваат отпуштањата во технолошките компании, „Јаху“ намалува 20 отсто од работната сила

gaku., CC BY 2.0 , via Wikimedia Commons

„Јаху“ планира да отпушти повеќе од 20 отсто од своите 8.600 вработени лица, како дел од големото реструктурирање во компанијата. Кратењето на работни места ќе засегне речиси илјада вработени, пренесува Би-би-си.

„Јаху“ го реорганизира рекламниот оддел, кој ќе изгуби повеќе од половина од вработените до крајот на годината.

Оваа компанија е најновата помеѓу технолошките гиганти кои објавија кратење на работните места како што се борат со падот на побарувачката, високата инфлација и зголемувањето на каматните стапки.

„Јаху“ е во сопственост на приватната инвестициска компанија „Аполо Глобал Менаџмент“ која во 2021 година го купи за 5 милијарди американски долари од „Верајзон“.

Компанијата се надева дека намалувањето на бројот на вработени ќе ѝ овозможи да го стесни својот фокус и инвестирање на главниот рекламен бизнис наречен ДСП (demand-side platform). Ова, исто така, ја сигнализира намерата на „Јаху“ да престане да се натпреварува директно против компании како „Гугл“ и „Мета“ за доминација во полето на дигиталното рекламирање.

Отпуштањата во САД достигнаа највисоко ниво во последните две години, бидејќи технолошката индустрија, некогаш сигурен извор на вработување, ги намали работните места со второто највисоко темпо досега со цел да се подготви за можна рецесија.

Изминативе неколку месеци, илјадници работни места укинаа технолошките гиганти „Мета“, „Гугл“, „Епл“, „Твитер“ и „Амазон“.