Продолжува седницата за уставните измени денеска во 11 часот

Пленарната седница на Собранието на Македонија за уставните измени, која почна вчера, ќе продолжи денеска во 11 часот. Пријавени за збор се 66 пратеници.

Во текот на вчерашната расправа немаше никакво поместување на ставовите и на власта и на опозицијата, со исклучок на пратеникот од владејачкото мнозинство, Ферид Мухиќ. Тој иако претходно рече дека нема да ги поддржи уставните измени, сега најави дека откако добро размислил ќе гласа за Договорот бидејќи не го загрозува идентитетот.

– Иако овој Договор е без преседан, бидејќи Македонија е единствена држава принудена да преговара за своето име, овој Договор води кон живот, а не кон смрт. Со ова ја менуваме капата, но не и главата која ќе остане иста. Идентитетот не може да биде загрозен – рече Мухиќ.

Премиерот Зоран Заев ги повика пратениците што се двоумат да погледнат во иднината и секој пратеник да гласа според својата волја за сигурност, стабилност и економски просперитет на земјата. Исто така, Заев повика и на помирување за настаните за случувањата на 27 април во Собранието минатата година, што во јавноста веднаш беше протолкувано како ветување за амнестија за обвинетите за овие насилства.

Според собранискиот Деловник расправата може да трае најмногу до 10 работни дена односно до 26 октомври и потоа мора да се прејде на гласање.