Негативните последици од корона кризата веќе трет месец се рефлектираат и кај индустриското производство. Во март падот на индустријата изнесуваше 13,4 отсто, во април достигна 33,5 отсто, а во мај индустриското е помало за 27 отсто.

Според податоците на Државниот завод за статистика, ДЗС, индексот на индустриското производство во мај 2020 година, во однос на мај 2019 година, изнесува 73.

Гледано по сектори, во секторот рударство и вадење на камен во мај 2020 година, во однос на мај 2019 година, производството бележи опаѓање од 4,3 отсто, во преработувачка индустрија падот е 32,1 отсто, а во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓањето изнесува 14,6 отсто.

ДЗС констатира дека намалувањето во секторот преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на намаленото производство во следните оддели: производство на прехранбени производи, на пијалаци, на тутунски производи, на текстил, производство на облека, на други неметални минерални производи, на метали и друго.

Според главните индустриски групи, производството во мај 2020 година, во однос на истиот месец лани, бележи опаѓање кај енергијата за 9,2 отсто, интермедијарните производи, освен енергија за 22,5 отсто, капиталните производи за 47 отсто, трајните производи за широка потрошувачка за 48,8 отсто и кај нетрајни производи за широка потрошувачка за 22,3 отсто.

Индексот на индустриското производство во периодот јануари ‒ мај 2020 година, во однос на јануари ‒ мај 2019 година, изнесува 85,6 или е помал за 14,4 отсто.