fbpx

Продолжува битката со аудио снимки, објавени два разговори на Заев од 2016 година

-

Две нови аудиоснимки се објавени на Јутјуб на новоформиран анонимен канал со име „Зоки истина“, на кои може да се слушнат разговори на поранешниот премиер и претседател на СДСМ, Зоран Заев со одредено лице чиј глас е механички изменет за да не може да се препознае.

По објавата, Заев напиша на социјалните мрежи дека лошо се изразил во еден од разговорите за коалицијата на неговата партија, но дека ако се погледне на изминатите три години, може да се видат „добри односи, почит и достојна соработка со сите наши коалициони партнери’.

Во првата снимка Заев разговара со анонимниот соговорник со механички изменет глас, за кој се претпоставува дека е јавна личност, при што се споменуваат „Владиката Наум“ и „Сашо“.


Заев вели дека владиката е „ок, наш, струмички“, дека не знае дали повеќе време владиката Наум поминувал со него или со „Сашо“, како и дека ќе ги помирувал со Сашо.

„Дедо Наум, владиката“, вели на почетокот соговорникот на Заев, по што Заев прашува „Што бе он“?. Потоа на прашањето со кој е близок владиката, Заев одговара „Не бе и он е близок со Хари – Мари и он не ми напраи муабет за тоа. На пример, океј е, наш владика е, струмички“.

Прашан од соговорникот „Како стои он, каков е“?, Заев одговара „Со сите бои е обоен, премачкан. Не знам дали повеќе време поминува со мене или со Сашо“, па вели дека ќе ги помирува него со „Сашо“.

Во втората снимка, во која соговорникот, исто како во првата, е со изобличен глас, се зборува за коалициските партнери на СДСМ, при што прво се зборува за рејтинзи, а потоа и за „Шарената револуција“, за која Заев вели дека ќе влезе во неговата коалиција.

„Сè ќе соберам на купче и шуто и рогато, сè“, вели Зоран Заев во еден дел на снимката, а потоа на реплика од соговорникот, „и после ќе ги пуштиш низ вода, ќе ги изгориш“, Заев одговара: „Мамето ќе им го е..м после на сите што ќе влезат кај мене во коалиција“.

Заев на својата официјална Фејсбук-страница попладнево рече дека се изразил лошо во еден од разговорите од 2016 година, но дека понатамошното функционирање на коалицијата покажало меѓусебна почит.

„Лошо сум се изразил во разговорот од 2016 година кој денес е објавен на курирските портали. Но, наспроти тие неколку несоодветни зборови, во изминативе три години стојат на виделина сите добри односи, почит и достојна соработка со сите наши коалициони партнери. Низ конкретни дела секој ден градам човечки и пријателски односи со сите мои партнери и соработници, затоа нашата коалиција постојано расте, затоа нашето мнозинство победува“, напиша Заев на Фејсбук.

На Фејсбук реагираше и Павле Богоевски, еден од водачите на Шарена револуција, која стана пратеник во коалицијата. Тој порача дека не се чувствува изиграно откако ги слушнал денеска објавените разговори на Зоран Заев.

Богоевски рече дека влегол во борбата поради вредности, а во Заев стекнал лично доверба, како и дека „Причината за објавувањето на оваа снимка е валкана, ниска и повеќе од очигледна.

„Повторно би го направил истото, без разлика колку моето собраниско искуство ме чинеше лично – бидејќи со секој атом од телово верувам дека нашата држава и општество денес се неспоредливи со тие пред Шарената револуција и пред коалицирањето со СДСМ и другите партии“, напиша, меѓу другото, Богоевски.

Инаку, денеска излезе и најновата снимка од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со Зоран Милески – Кичеец, кој е еден од осудениците во случајот „Рекет“.

Објавениот дел од разговорот трае 23 секунди, а Милески и Мицкоски се чини дека разговараат за начинот на кој бил платен организиран автобуски превоз за протестот на ВМРО-ДПМНЕ пред две години, летото 2018 година.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

По вторпат транспортирано лице со мозочен удар од Унгарија со полициски хеликоптер

Лице со мозочен удар денеска беше превезено од Уггарија во земјава со полициски хеликоптер на МВР, опремен со потребна медицинска опрема за таков лет. Ова е вторпат да се...