Фото: Ukrinform.net

Претседателот на САД, Џо Бајден, вчеравечер вети достава на софистицирани ракетно-артилериски системи на Украина, коишто официјален Кијив долго ги бара како помош за борба со рускиот агресор.

Системот HIMARS е многу попрецизен од други сродни орудија, има домет до 65 километри, а користи наведувана муниција, што ќе даде значителна предност во борбата на украинските одбранбени сили против руските воени сили, извести Би-Би-Си.

Бајден вети четири вакви системи, а според Министерството за одбрана, тие биле донесени во Европа претходно, за да се овозможи брза достава на територијата на Украина наскоро по потврдата од американскиот претседател за испорака на оваа воена помош.

Сепак, за користење на овие прецизни ракетни системи, ќе биде потребна обука на украинските војници, што би траело околу три седмици, и дури потоа системите ќе бидат донесени на украински територија.

Освен Химарс системите, САД ќе испорача на Украина и други оружја и воена техника, во вкупна вредност од 700 милиони американски долари. Во неа се вклучени и 1.000 антитенковски проектили „Џевелин“, 50 командни ракетни центри, 6.000 парчиња противоклопно оружје, 15.000 артилериски гранати за хаубици M777 и четири хеликоптери Ми-17.

Сегашните хаубици M777 што САД ги достави на Украина, имаат домет до 32 километри.

Во меѓувреме, продолжуваат улични борби во соседните градови Северодонецк и Лисичанск, кои се еден спроти друг, на двата брега на реката Сивериски Донец, и се најисточните градови на Украина што се уште под контрола на украинската држава. Сепак, Русија по повеќе денови напади и борби, веќе контролира огромен дел од Севердонецк, и не е исклучено наскоро украинските одбранбени сили да се повлечат од таму. Ако рускиот агресор ги освои двата града, ќе има целосна контрола врз регионот Луханск, кој е една од главните цели на руската инвазија во последните неколку седмици, заедно со соседниот регион Донецк, пишува Би-Би-Си.

Според аналитичари, сега руските сили се обидуваат да го освојат Лисичанск од југ и запад, за да избегнат потреба од освојување на градот со настапување преку реката од Севернодонецк.

Најзападниот голем украински град Лвив исто така беше цел на напади ноќеска, при што цел беше главно железничката инфраструктура, но сепак има петмина повредени. Според регионалниот гувернер Максим Козицки, нападот доцна вчеравечер значително ги оштетил пругите.