Сашо Мијалков како поранешен директор на УБК е првообвинет во случајот „Таргет-Тврдина“ | Фото: Арбнора Мемети

Во Основниот кривичен суд-Скопје денеска продолжи судењето за случајот „Таргет-Тврдина“, кој се однесува за незаконското следење на комуникациите од страна на УБК. Обвинетиот поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков наводно се опоравил од ковид-19 и денеска се појавил на судското рочиште. Судењето започна со половина час задоцнување поради доцнење во спроведувањето на обвинетата поранешна министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска.

На денешното судско рочиште се изнесуваа материјални докази предложени од Обвинителството, додека на продолжението на судењето во текот на наредната недела треба да се сослушаат повеќе сведоци и оштетени лица во незаконското следење на комуникациите.

Судскиот процес го води судијката Џенета Бектовиќ, додека обвинители се Ленче Ристеска, Трајче Пеливанов и Артан Ајро. Во случајот „Таргет-Тврдина“, првообвинет е Сашо Мијалков, а како обвинети се водат и поранешниот началник во Петтата управа на УБК Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, двајцата пребегани во Грција, екс министерката Јанкуловска, која веќе е во затвор на издржување казна за друго дело, поранешниот шеф на кабинетот на Мијалков Тони Јакимовски, кој исто така е осуден на шест години затвор, и уште шест други лица од УБК.