fbpx

Продолжете по вашиот пат за земјата да биде светилник на мирот, порача папата Франциск

-

Ве охрабрувам да продолжите на вашиот пат со цел вашата земја да претставува светилник на мирот, прифаќањето и плодна интеграција на култури, религии и народи. Преку отсликување на нивните посебни идентитети и виталноста на нивниот културен и граѓански живот, тие ќе бидат во можност да ја изградат заедничката судбина преку посебното богатство што го нудат. Господ нека ја заштити и благослови Северна Македонија, да го зачува единството и да и даде благосостојба и радост, истакна папата Франциск во неговото обраќаање во претседателската резиденција на Водно, каде што се обрати пред врвот на државата и дипломатскиот кор.

По неговото пристигнување на скопскиот аеродром, тој се упати кон резиденцијата на Водно, со што почна неговата обемна програма за денеска.

Папата Франциски рече дека неговата посета е „првпат еден наследник на Апостол Петар да дојде во Република Северна Македонија“. Тој земјава ја нарече мост меѓу Истокот и Западот, а односите меѓу различните заедници во неа ги наречи пример за спокоен и братски соживот.

– Вашата земја е мост помеѓу Истокот и Западот и место каде што се слеваат многу културни струи, каде што се обединуваат многуте карактеристики на овој регион. Со историските сведоштва од нејзиното византиско и отоманско минато, со монументалните тврдини низ планините и прекрасните иконсотаси во старите цркви кои ја докажуваат христијанската присутност од времето на Апостолите, се изразува нејзината богата илјадалетна култура што ја наследила. Но, дозволете ми да кажам дека ова културно богатство е само огледало на вашето најценето и најважно наследство: мултиетничкиот и мултирелигискиот состав на ликот на вашиот народ, плод на богатата историја, и комплексните односи низ минатите години.
Оваа мешавина од етнички и религиозни култури и припадности, беа причина да се стигне до мирен и траен соживот, во кој посебните идентитети разбраа и можат да се изразат и да се развиваат без да бидат негирани, угнетувани или дискриминирани од другите. Така беа оформени односите и ситуациите меѓу заеднците, кои од овој аспект, може да бидат пример за спокоен и братски соживот. Преку разликите и заедничката почит – рече поглаварот на Католичката црква.

Тој изрази надеж дека евроинтеграцијата ќе се развие позитивно за целиот регион на Западен Балкан, и дека заедно со интеграцијата ќе се развива и почитувањето на различностите и основните права.

Папата Франциск рече дека Македонија направила навистина великодушен гест со грижата за мигрантите и порача дека е добро таа солидарност да опстои.

– Би сакал да го истакнам, исто така, великодушниот напор што го прави вашата република – било од нејзините државни органи, било преку добриот придонес од разни меѓународни организации како Црвениот Крст, Каритас и други невладини организации – за да ги прими и да им осигури помош на големиот наплив на мигранти и бегалци од разни земји од Блискиот Исток. Тие бегаа од војна или од екстремни услови на сиромаштво, често предизвикани од сериозни воени моменти. Така, во 2015 и 2016 година ја преминаа вашата граница, најголем дел од нив насочувајќи се кон северните и западните делови на Европа, и најдоа кај вас гостоприемно засолниште. Навремената солидарност, која им се нудеше на оние кои тогаш  имаа најголема потреба за тоа, бидејќи покрај домот, работата и татковината што ги загубиле, тие ги беа загубиле и нивните најсакани, ве прави честити и зборува за душата на овој народ, кој знае како е да се загуби и дека може да препознае дека преку солидарноста и споделувањето може да се најде излезот и патот кон секој суштински развој. Се надевам да вие ќе ја зачувате таа солидарност која е неопходна во овој непредвидлив критичен момент во корист на секое дело од доброволната хуманитарна работа – рече папата, завршувајќи го говорот со благослов: „Бог да ве пази и да ја благослови Северна Македонија, да ја зачува хармонијата и да даде просперитет и радост“.

Претседателот Ѓорге Иванов, поздравувајќи го високиот гостин, зборуваше за поделено општество во Македонија и разнишана доверба во меѓународната заедница, како и нарушување на вистинските вредности, со злоупотреба на религиите.

– Mорам да Ви признам дека бев во големо искушение да го искористам Вашето присуство и фокусот на светските медиуми и да зборувам сè најдобро за мојата држава и за мојот народ. Искушението да зборувам за славното минато е големо. Но, верувам дека е многу поважно да зборувам за неизвесната сегашност, колку и да е тоа тешко. А вистината е дека Вие доаѓате во време кога македонското општество е длабоко поделено, а македонската држава е тешко ранета поради прекршени ветувања, изневерени очекувања и разнишана доверба во меѓународната заедница. Децениските блокади на нашиот европски пат доведоа до политички и морални кризи што го намалија нашиот духовен имунитет и ги еродираа вистинските и трајни вредности. Крстот и полумесечината, црквата и џамијата се злоупотребуваат како граничници и тврдини за маркирање и бранење на некакви си замислени територии. Како да се заборава дека сите ние сме луѓе, независно од нашата вера – рече Иванов, порачувајќи дека затоа го поканил папата да дојде „во Македонија и да ни помогнете во духовната обнова на нашата татковина“.

На приемот присуствуваше и новоизбраниот претседател Стево Пендаровски.

Папата имаше одвоена средба и со премиерот Зоран Заев, неговото семејство, а во владината делегација беа министрите Радмила Шекеринска, Оливер Спасовски, Бујар Османи и Никола Димитров.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Појавата на болести сѐ поголема закана за жителите на Газа

Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци, UNRWA денеска соопшти дека заканата од појава на болести во Газа станува сѐ поголема, бидејќи температурите почнуваат да растат. „Нашиот страв е...