Продолжен рокот на Конкурсот за изработка на постер инспириран од хероите на италијанскиот стрип

Рокот за доставување на изработените постери инспирирани од хероите на италијанскиот стрип е продолжен до 5 септември, информираат од Институтот „Данте Алигиери“ од Скопје. Тие заедно со Амбасадата на Италија во Скопје и Филмскиот Фестивал за млади „Џифони Македонија“ објавија конкурс за изработка на постер во пресрет на Comics Day / Денот на италијанскиот стрип, што ќе се одржи во октомври 2022 година.

„Сите кои што досега имаат испратено постери им благодариме на интересот и ги охрабруваме да изработат дополнителни решенија доколу имаат желба. Бројот на апликации не е ограничен“, информираат од Институтот „Данте Алигиери“ од Скопје.

На натпреварот може да се земе учество во три категории, и тоа: ученици од средните училишта во Северна Македонија, студенти на државните и приватните факултети на Северна Македонија и млади уметници – графички дизајнери, илустратори, стрип цртачи од Северна Македонија на возраст до 30 години.

Учеството е бесплатно, а содржината на постерот треба да соодветствува со темата на Конкурсот. Неопходно е да се подготви дигитална верзија на делото [мин. 200 dpi / CMYK / jpg / 700x1000mm / вертикално].

При испраќањето на делото, фајлот треба да се персонализира на следниов начин: Ime_Prezime_Uchilishte_NaslovNaPosterot.jpg. (за првата категорија); Ime_Prezime_Fakultet_NaslovNaPosterot.jpg. (за втората категорија); Ime_Prezime_NaslovNaPosterot.jpg. (за третата категорија).

Создадените дела треба да се испратат на e-mail: [email protected], а мејлот да се наслови со Italijanski strip_kategorijaX (X – е бројот на категоријата 1, 2 или 3).