
Рокот за достава на понуди на тендерот за избор на компанија која ќе ја гради првата регионална депонија во земјата во селото Мечкуевци кај Свети Николе е продолжен. Наместо до 18 февруари, како што беше првично предвидено, компаниите кои се заинтересирани на тендерот ќе можат да се пријавуваат до 14 март.
„Вообичаено е на големи меѓународни тендери, каде што се очекува доставување на обемна документација и се поставуваат многу прашања поврзани со тендерската постапка, да се случи пролонгирање на рокот и обезбедување доволно време за компаниите да можат да аплицираат“, информираат од Министерството за животна средина.
Тендерот беше објавен во октомври минатата година, а ќе се избира компанија која ќе треба да ја изгради првата регионална депонија, која ќе ги опслужува Североисточниот и Источниот регион. Според проектот за првата европска депонија во земјава, во Свети Николе ќе има една централна постројка за управување со отпад, која ќе биде лоцирана во селото Мечкуевци, како и шест претоварни станици во Куманово, Ранковце, Штип, Виница, Македонска Каменица и во Берово.
Центарот ќе треба да опслужува околу 370.000 лица од кои се генерира отпад од околу 112.094 тони годишно. Домаќинствата ќе имаат две корпи, за отпад што се рециклира и за мешан отпад. Градинарскиот отпад ќе се собира одделно и ќе се носи на компостирање. Предвидено е да се постави и мрежа за извлекување биогас од депонијата за понатамошна енергетска употреба.
За депонијата, земјава веќе доби грант од 40 милиони евра.
Мета факт: Не е вистина дека регионалната депонија во Свети Николе ќе биде ѓубриште