Собранието на Северна Македонија не ја напушта практиката на донесување закони по скратена и итна постапка, иако во последните две години процентот на донесени закони по итна постапка е намален. Сепак, продолжува непочитувањето на правото за јавна расправа за предложените закони, што, пак, остава простор за нанесување штета на демократијата и неисполнување на основната улога на Собранието известува Порталб.мк.

До март 2019 година, темпото на донесување закони во скратена и итна постапка е намалено во споредба со 2017 и 2016 година, спеак околу 40% од донесените закони донесени на овој начин.

Иако во споменатиот период процентуално води 2017 година, таа е на последното место по бројот на донесени закони. По петмесечната блокада со процедурални расправи, поради неуспешните обиди за избор на претседател на Собранието по парламентарните избори, нападот од страна на демонстрантите кои четири месеци протестираа низ улиците на Скопје и паузата заради локалните избори што се одржаа есента таа  година, во 2017 година биле донесени само 33 закони. Од нив, 25 закони биле донесени во скратена или итна постапка, а само 8 во редовни постапки.

По 2017 година, на ранг листата за донесени закони по скратена или итна постапка е е 2016 година. Иако во таа година есента се одржааа парламентарните избори, биле донесени вкупно 340 закони. Од нив, 239 во скратена или итна постапка, а 101 во редовна постапка. Во однос на бројот на донесени закони, оваа година е рангирана на второ место.

Во 2015 година, која олеснувачот во подготовката на Договорот од Пржино Питер Ванхојте ја оцени како „загуба за демократијата“, околу 70 проценти од законите беа донесени под итна постапка, а земјава ја доживеа најдлабоката политичка криза од осамостојувањето. Од 570 закони донесени таа година, дури 340 беа донесени во скратена или итна постапка и 230 во редовна постапка.

Минатата година се карактеризираше со усвојување закони заради Планот 3-6-9 и Планот 18, со постигнување билатерални договори, како договорот за добрососедски односи и соработка со Бугарија и Договорот од Преспа, и со изборниот циклус – референдумот за името. Оваа година е рангирана последна во однос на процентот на законите донесени со скратена и итна постапка. Во 2018 година беа донесени 246 закони, од кои само 71 беа во кратка-итна постапка и 175 во редовна постапка.

Според мониторингот на Асоцијацијата „Мост”, во текот на првите три месеци од оваа година, во Собранието биле донесени 33 закони. „Десет закони (30,3%) се донесени во редовна постапка, 12 закони (36,4%) по скратена постапка, додека останатите 11 закони (33,3%) се донесени по скратена постапка за хармонизација со други закони или за одложување на примената на одредени одредби“, се вели во извештајот на „Мост“.

Со итна постапка се донесуваат закони за да се спречат штети во стопанството и активности поврзани со безбедноста и одбраната на Република Северна Македонија. Во ваква постапка се донесуваат и закони во случаи на големи катастрофи, епидемии или други вонредни состојби кои не можат да се одложат.

Повеќето закони донесени од Собранието на РСМ не ги имале кака основа двата горенаведени критериуми.

Член 170 на деловникот на Собранието предвидува: „Предлагачот на предлогот на законот може да му предложи на Собранието да расправа по предлогот на законот по скратена постапка во случај кога:

– не е во прашање сложен и обемен закон,
– престанок на важноста на некој закон или одделни одредби од некој закон
или
– не се во прашање сложени или обемни усогласувања на законот со
правото на Европската унија“.

Член 167 на деловникот на Собранието предвидува:„По исклучок закон може да се донесе и по итна постапка.  По итна постапка може да се донесе закон кога тоа е неопходно заради спречување и отстранување на поголеми нарушувања во стопанството или кога тоа го бараат интересите на безбедноста и одбраната на Републиката или во случаи на поголеми природни непогоди, епидемии или други вонредни и неодложни потреби“.

Со скратената или со итната постапка се елиминира просторот за расправа за предложените закони. Спротивна – и подемократска – е редовната постапка.

Според таа постапка, првин надлежната комисија и Законодавно-правната комисија го разгледуваат законот, а потоа тој оди на прво читање на пленарна седница. Оваа фаза трае 7 дена, а потоа започнува второто читање. Во текот на оваа фаза се поднесуваат амандмани и доколку се смени 1/3 од законскиот текст, тогаш може да се оди на трето читање.

Во просек, со редовната постапка, периодот од влегување на законот во собраниска процедура до неговото донесување трае 2 недели.