За период од четири месеци, возачите набавиле 11.615 М – карт и М – таг електронски уреди за плаќање патарина. Од Јавното претпријатие за државни патишта за „Мета.мк“ информираат дека за еден месец треба да завршат консултациите со банките, по што ќе биде пуштено во функција и пост – пејд електронското плаќање на патарина.

Во септември и октомври годинава биле продадени вкупно 3.494 електронски картички и тагови за плаќање патарина. Возачите во овој период извршиле 18.392 поединечни надополнувања на електронските уреди, при што вкупно од продажбата на овие уреди и од нивните надополнувања е остварен промет во висина од 624.748 евра само за периодот од овие два месеца.

Од Јавното претпријатие за државни патишта велат дека во моментов се врши евалуација на пристигнатите понуди за избор на компанија што ќе ја воведе електронската наплата на патарина и на автопатот долж Коридор 8. Со реализацијата на овој проект и на граѓаните кои патуваат по автопатот Скопје – Тетово – Гостивар ќе им се овозможи да плаќаат со електронски уреди.

– Уредите за електронска наплата на патарина – тагови и бесконтактни смарт картички кои се користат на Коридор 10, истите ќе се користат за електронска наплата на патарина и на Коридор 8 – информираат од ЈП за државни патишта.

Електронската наплата на патарините долж Коридорот 10 беше воведена на 3 јули годинава. Есенва беше потпишан и нов договор вреден 13,7 милиони евра за модернизација на наплатните станици долж Коридорот 8, како и за изградба на три нови патарини на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид.