Продаден имотот на рудниците Злетово и Тораница

-

Наместо за проценетите седум милиони евра, имотот на рудниците Злетово од Пробиштип и Тораница од Крива Паланка беше продаден за половина од вредноста. Советот на доверители ја прифати понудата од 3,5 милиони евра од концесионерот на рудниците, бугарски „Минстрој“.

Бугарските сопственици купуваат само 67 отсто од имотот. Одлуката предизвика револт кај доверителите, кои веќе две години чекаат наплата од рудниците. Фирмата што со храна ги обезбедуваше рудниците, компанија што ја транспортира рудата, како и компанијата за одржување, ќе можат да наплатат одвај по 20 отсто од долгот, бидејќи прво ќе бидат исплатени трите заостанати плати на рударите.

Тоа што ќе остане ќе биде еднакво рапределено на другите доверители. По завршувањето на рочиштето, овие стопанственици се пожалија дека со ова нивните фирми ќе пропаднат.

– Се гледа дека е наместена работа. Државата и вработените ќе си ги добијат своите пари, а ние дали и тие 20 отсто. Подобро и тие да не ни ги дадат. Побарувам 17 милиони денари, а ќе изгубам 13 милиони. Не мора да кажувам што значи тоа за една фирма што работи веќе 20 години – изјави Цветан Гаврилов од транспортната компанија „Мима“, која ја превезувала рудата.

Компанијата на Горан Стоилковски, „Црешово топче“, со храна ги обезбедувала рудниците. Имала 100 вработени, а сега само 30. Стиолковски, кој побарува 14 милиони денари, вели дека со оваа одлука ќе останат само петмина вработени.

– Ова е уште еден „Сведмилк“. Рудниците се продаваа по почетна цена од седум милиони евра, а се продадоа за три. Ова е срам и доказ за тоа како државата се грижи за домашните компании – изјави Стоилковски.

За разлика од нив, синдикатот е задоволен од продажата и оттаму очекуваат во рок од еден месец рударите да се вратат на работа.

– За нас, како синдикат, оваа одлука значи дека рудниците бргу ќе се рестартираат, а рударите ќе почнат да си земаат плата – рече Драги Јовановски од СИЕР.

„Минстрој“ од денеска стана сопственик на флотациите, машините и на управните згради на двата рудника, без кои капацитетите не можеа да бидат рестартирани. Бугарската компанија стана нов сопственик на рудниците во Пробиштип и во Крива Паланка за годишна концесија од два милиони евра.

Ураганот Милтон ја пустоши Флорида, има жртви и прекин на струја за повеќе од 2 милиони жители

Ураганот Милтон ја зафати Флорида како бура од трета категорија, внесувајќи уште поголеми штети на брегот кој сè уште е опустошен од ураганот Хелена кој се случи само пред...