Во текот на пробниот попис, кој се одржа минатиот месец, во 13 општини биле попишани 3.839 згради, 4.572 станови, 3.184 домаќинства и 10.267 лица. При попишувањето 1.400 станови биле пронајдени празни, додека 30 лица одбиле да бидат попишани.
Ова се првични податоци од пробниот попис, кој се спроведе без да биде усвоен предлог-законот за попис на населението, чија што содржина подолг период е причина за несогласување меѓу власта и опозицијата.
Двете страни вчера во Собранието повторно не најдоа заеднички јазик за законското решение. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев на седницата на собраниската комисија за европски прашања побара предлог-законот за попис да се повлече. Според него, предлогот не ги исполнува критериумите на ОН за спроведување попис на население.
-Апсолутно е приоритет да имаме попис во Република Македонија според критериумите на Евростат, на ЕУ и ОН. Овој вака предложен закон од власта на Зоран Заев и неговиот Завод за статистика, во кој немаме никаква доверба, апсолутно не е на таа линија. Законот треба да се повлече и да се види што и како понатаму, затоа што граѓаните се масовно незадоволни од предлог-законот за попис – рече Ѓорчев.
Иако предлогот не беше повлечен од дневен ред на собраниската комисија за европски прашања, претседателот Артан Груби ја прекина работата по оваа точка заради потреба од дополнителни усогласувања помеѓу политичките партии во врска со овој предлог-закон.
-Ова е веќе втор пат како се обидувам Законот за попис во 2020 година да го ставам на седница на Комисијата за европски прашања, но и двата пати по барање на двете најголеми парламентарни партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, се одложува дебатата за овој закон поради потреба од дополнителни консултации и доближување на ставовите по Предлог-текстот на законот. Затоа денеска ја отворивме седницата, го утврдивме дневниот ред со таа точка и ја прекинав седницата за да дозволам простор за усогласување помеѓу политичките партии врз основа на предлог-текстот – изјави Груби.
Тој додаде дека немаа никаков проблем со предлогот ниту неговата партија – ДУИ, ниту тој како претседател на Комисијата за европски прашања.
-Сметаме дека овој предлог-закон е прифатлив и затоа му дадовме поддршка во Владата и ќе го поддржиме во Собранието. Ќе видиме на кои ставови ќе се усогласат СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, па потоа ќе ги дадеме нашите ставови врз основа на нивните забелешки. Јас немам видено никакви забелешки од страна ниту на ВМРО-ДПМНЕ, ниту на СДСМ, и сметам дека коалициски се останува на овој предлог-текст, кој исто така е прифатлив и за ЕУ – рече Груби.
Тој истакна дека ДУИ е отворена за дебата и се надева дека законот ќе биде усвоен навреме за да може да се реализира пописот во април 2020 година.