Проблемот со третманот на отпадот никако да се реши во земјава, можна солуција е преработката за енергија

Фото: Мета.мк

И покрај тоа што во Македонија една и пол деценија се зборува за регионални системи за управување со отпад и за негов современ третман, многу малку е направено во реалноста во изминатиов период за изградба на модерните регионални депонии. Во меѓувреме, количеството на создаден комунален отпад во континуитет расте, а бројот на диви депонии во земјава непрекинато се зголемува. На темата „Управување со цврст отпад/депонии – потреби наспроти можности“, денеска се одржа национален форум во организација на Македонскиот центар за меѓународна соработка и Цивика мобилитас.

Пред почетокот на денешниот настан, градоначалниците на Гостивар и Куманово ги изнесоа општинските проблеми во делот на третманот на отпадот. Гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари пред новинарите зборуваше за проблемот со општинската депонија Русино и за потребата од нејзина дислокација на друго место во Полошкиот регион. Како две опции што ги спомена, Таравари вели дека идната регионална депонија би можела да се гради на територијата во Општина Јегуновце или Општина Желино.

Таравари посочи дека е потпишан договор меѓу општините од Полошкиот регион каде што е потпишан и министерот за животна средина, по којшто депонијата во Русино по 5 години треба да се дислоцира и да се најде друго решение коешто би било прифатливо. Инсистирањето на невладината организација „Стоп Русино“ и на Општина Гостивар е да се дислоцира што побргу депонијата од постојната локација.

Гостиварскиот градоначалник сепак остави простор за разговор со централните власти околу тоа Русино да остане локацијата за идната регионална депонија, доколку таа се изгради по европски стандарди, но рече тој, во никој случај не доаѓа предвид депонијата Русино да остане онака како што е во моментов.

Таравари рече дека покрај Русино, во Гостивар постојат и други диви депонии кои се обидуваат како општина да ги администрираат, меѓутоа за тој сериозен проблем додека нема системско решение ќе продолжи да претставува проблем не само за Гостивар, туку и за сите други општини во земјава.

Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски го посочи проектот за изградбата на регионалната депонија за Источниот и Североисточниот плански регион во Општина Свети Николе, која ќе се гради со средства на ЕУ. Димитриевски рече дека со овој проект постојната депонија Краста ќе се трансформира во трансфер станица, каде што ќе се собира и селектира отпадот, кој потоа со специјални контејнери ќе се носи до новата фабрика за преработка на отпадот во близина на селото Мечкуевци.

Градоначалникот на Куманово го додаде посебниот проблем со дивите депонии, кои во Североисточниот регион ги има повеќе од 100, особено во делот на депониите од градежен шут. Тој спомена дека се соочуваат со проблемот на урбанистичката документација, односно вцртувањето во ГУП на локација за депонија за градежен шут.

Во Куманово, рече градоначалникот Димитриевски, постојат 4 сериозни локации на диви депонии, коишто најмалку два пати во годината се чистат и озеленуваат, но повторно се создава истата слика. Тој смета дека постои недостаток на инспекциски надзор, за што и самиот кажа дека во Куманово има двајца еколошки инспектори, тројца комунални редари и еден комунален инспектор. Овој проблем треба да се надмине догодина, но останува на површина и недоволниот ангажман на МВР, при што Димитриевски рече дека самата полиција има овластување да постапува по вакви случаи и предмети, но за жал се пасивни или не даваат сериозен допринос во решавање на овој проблем. На крај, проблемот со дивите депонии Димитриевски го лоцираше и кај подигањето на свеста кај граѓаните во делот на хигиената на градот.

На форумот, Лазо Филипов од ЗОКА Енерџи Солушн го презентираше нивниот проект за фабрика за зелена енергија во делот на преработката на комунален отпад. Тој рече дека станува збор за waste to energy проект, каде што отпадот се рециклира термички и се симулира процесот на природно распаѓање на отпадот, при што се добива енергија од ваквата преработка на отпадот. Покрај искористувањето на отпадот како обновлив извор на енергија, на овој начин би се допринело и за заштита на животната средина.

Тој рече дека како компанија и понатаму се во преговори со Владата на РСМ, така што процедурите се во процедура. Во однос на реализацијата на инвестицијата, Филипов рече дека ќе се започне во оној момент кога преговорите ќе завршат и кога државата ќе ги издаде потребните дозволи за стартување со работа.

Во однос на новинарското прашање за тоа дали локалното население ќе ја прифати оваа инвестиција, Лазо Филипов од ЗОКА Енерџи Солушн рече дека локалното население треба да биде доволно свесно дека ако не ја прифаќа инвестицијата, има полоша опција, а тоа е да го депонира својот отпад на нелегални депонии, додека друга лоша опција е да се направи легална депонија, меѓутоа и таа нема да биде поеколошко решение од овој проект.

„Овој проект претставува најеколошко решение за отпадот во Република Македонија“, изјави Филипов, додавајќи дека проектот е дизајниран да го преработува целиот создаден отпад од пет плански региони во земјава, а тоа е 600.000 тони годишно.

Во однос на новинарското прашање околу опасноста за увезување на отпад од странство во рамките на овој проект, Филипов рече дека во нивниот проект воопшто нема ни план за да се увезува отпад. Тој дополни дека веќе има премногу депонии во Македонија каде што се трупа отпад со децении, така што ако дојде до потреба за дополнителни количини во идната енергетска постројка, земјава има доволно сопствени извори од каде што би можело да се преземе комунален отпад.