Жителите на општина Теарце долги години се соочуваат со проблемот на ненавремено собирање на отпадот од фирмата која стопанисуваше со отпадот. Ситуацијата стана покритична во последните месеци, при што отпадот не се собираше со недели. Со цел да го решат проблемот, општина Теарце склучила договор со друга фирма, пишува Порталб.мк.
Општината соопштува дека минатиот месец склучила договор за концесија за управување со комунален отпад со фирмата „Еко ВС Билдинг“- Боговиње, кој важи до 2034 година.
„Приватната компанија е должна да склучи договор со секое физичко и правно лице и бесплатно да им обезбеди отпадна опрема, вклучувајќи канта од 120 литри или контејнер од 1.100 литри. Сите физички лица (домаќинства) и правни лица се обврзани да склучат договор со приватната компанија и да бидат опремени со канта или контејнер за отпадоци, во спротивно ќе се преземат мерки согласно законските одредби“, соопштија од општината.
Цената за канта од 120 литри е 270 денари месечно, со ДДВ, додека за контејнер од 1.100 литри е 2.475,00 денари месечно, со ДДВ.
Распоредот на собирање на сметот, изработен во координација со компанијата за собирање отпад, е следниот:
• понеделник – Теарце
• вторник – Непроштено и Лешок
• среда – Пршовце
• четврток – Нераште и Одри
• сабота – Доброште и Глоѓи
• недела – Слатина
Во општина Теарце досега само 52 отсто од домаќинствата ја користат услугата за управување со отпад. Бројот на корисници на услугата се зголемува секоја година, но за мал процент.
Другото количество отпад што го создаваат домаќинствата кои не се корисници на услугите, се депонира неконтролирано на диви депонии.
Општина Теарце нема депонија за ѓубре. Собраниот отпад се транспортира до депонијата „Русино“ во Гостивар.
Управувањето со отпад и понатаму останува нерешен проблем за сите општини во Полог и не само таму. Во Северна Македонија, веќе 17 години не може да се изгради регионална депонија според стандардите на ЕУ, во која најголемиот процент од создадениот отпад би се избирал и би се рециклирал, компостирал или согорувал.
Во земјава денес има десетици депонии од кои се загадува животната средин, без никаква контрола кој што фрла на тие места.
Автор: Фисник Џелили