Нова монтажна катна гаража ќе никне на местото на старата зграда на Клиниката за гинекологија, и уште една спроти Клиниката за трансфузиологија. Министерството за здравство отвори постапка за јавно-приватно партнерство за изградба на две катни монтажни гаражи, кои се очекува да го решат проблемот со паркирањето на клиниките.

Министерот Венко Филипче за Мета.мк вели дека се очекува до Нова година гаражите да бидат функционални и ставени во употреба.

– Имаше студија за јавно-приватно партнерство, имаше две опции. Едната беше со изградба на три монтажни гаражи, но ја отфрливме затоа што беше скапа. Втората беше поприфатлива. Добро е што иако се монтажни, има можност понатаму и да се надградат, бидејќи може да се стави една форма на темел и да се монтираат спратови. Критериум ќе биде цена за час паркирање и цена за картичка за вработени. Почнуваме со негативна аукција од 500 денари за месец, за да им излеземе во пресрет на вработените, што значи дека може цената да падне и на 300, па и 200 денари за паркирање за вработените за цел месец – вели Филипче.

Приватниот партнер ќе стопанисува со гаражите. Изградбата ќе чини 30 милиони денари. Ако постапката за јавно-приватно партнерство заврши за две недели отсега и ако се земе предвид и рокот за жалби и потпишувањето договор, Филипче вели дека на операторот ќе му бидат потребни околу два месеци додека ги извади потребните дозволи и веднаш да започне со изградбата.

– Најоптимистички е дека ќе може да се паркира во гаражите до крајот на годината, односно во јануари идната година. Со ова сметам дека дефинитивно ќе се реши проблемот со паркирањето во Клинички центар, затоа што обврска на операторот е и да го уреди партерно просторот и нема повеќе да се дозволува паркирање на уличките, што го закочува сообраќајот, ќе има добар проток на возила и пристапот до клиниките ќе биде подобар од сегашниот – додава министерот.

Во декември лани, вработените на Клинички центар на протест го изразија незадоволството од одлуката на градските власти за поскапување на паркирањето во комплексот клиники од 350 на 800 денари. Сепак, одлуката помина и во моментов цената на месечен билет за паркирање за вработените е 800 денари.

Пациентите пак, постојано реагираат за пристапот до клиниките, кој е отежнат поради големиот број на возила пред влезот, но и внатре во комплексот.

– Неодамна имав потреба итно да ја однесам мајка ми со возило на Клиниката за кардиологија. Половина час ми требаше додека со возило од училиштето „Кочо Рацин“ стасам до влезот на клиниките. Да не зборувам за тоа дека немаше никаков пристап до паркингот од паркираните возила отстрана и дека и тука се губи доста драгоцено време, а имате во кола пациент во тешка здравствена состојба. Ова не смее да продолжи да се случува – вели скопјанката Анета Стојановска.