fbpx

Проблеми со редовната исплата на субвенции за донесените туристи

-

Долгите и комплицирани административни процедури за добивање на субвенции и нивната нередовна исплата се едни од основните причини поради кои странските тур – оператори ја заобиколуваат нашата земја, реагираат од туристичкиот сектор. Странските тур – оператори не можат со месеци да бидат исплатени за субвенциите што се даваат за донесените туристи во Македонија.

Асим Меџедовиќ, генерален менаџер на туристичката агенција „Фибула Македонија“ појаснува дека македонскиот туризам може да се доведе во лоша положба поради ваквите проблеми, бидејќи конкуренцијата и отвореноста на другите странски пазари е огромна.

– Оваа година имаме потешкотии за аплицирање на субвенции, ова се провлекува со години наназад. Имаме преобемна документација, имаме доцнење и ненавремени исплати – посочува Меџедовиќ.

Наспроти ваквите тврдења, првиот човек на Агенцијата за промоција и подршка на туризмот, Љупчо Јанески е дециден дека веќе се исплатени субвенциите за 2016, 2017 и речи сите за 2018 година.

– Ако имало неисплатени субвенции тоа, пред сè, се должи на некомплетна документација. Сите барања се процесуираат во период од 30 – 60 дена, секако, излегуваме во пресрет дополнително. Имаме консултации во нашата подрачна единица во Струга и сме максимално транспарентни – посочува директорот Јанески.

Туристичките работници велат дека иако сезоната може да се окарактеризира како успешна, мора да се изнајдат подобри решенија за наредните сезони.

– Оваа туристичка сезона е малку поразлична од останатите. Можеме да кажеме дека од одредени пазари имаме пад, како на пример големиот пад на турските туристи во првите 3 – 4 месеци, но тоа се должи повеќе на економската криза, а не на пакетите или неисплаќањето на субвенциите – посочува директорот Јанески.

Тој дополнува дека се отворија нови пазари, па така бројот на грчките туристи е зголемен за 45 отсто во првите седум месеци од годинава во споредба со лани. Расте бројот на гостите од Полска и Романија, а зајакнатата промоција кај гостите во Хрватска и Словенија го дава својот резултат.

Инаку, за секој турист од странство донесен со авионски превоз преку тур – операторите државата преку субвенции плаќа по 65 евра. Но, постојат и дестинации за кои се исплаќа од 10 – 15 евра по донесен турист.

Според податоците на Државниот завод за статистика, вкупниот број на туристи во првите седум месеци од годинава е зголемен за 2,1 отсто во споредба со истиот период од минатата година. Туристичките дестинации во нашата земја во овој период ги посетиле вкупно 622.724 туристи, од кои над 400.000 се странски гости.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Излезноста до 13 часот е 26,3 отсто

Излезноста до 13 часот во првиот круг од претседателските избори е 26,35 отсто. Гласале 430.364 граѓани, според податоците на Државната изборна комисија (ДИК). Оваа бројка е во реалност и...