Претседателскиот авион на САД, „Ер Форс Уан“, бил принуден да го прекине летот кон Швајцарија и да се врати во Вашингтон поради „мал електричен проблем“, објави Гардијан. 

Американскиот претседател Доналд Трамп по враќањето се качил во друг авион, „Ер Форс Ц-32“, со кој продолжил кон Светскиот економски форум во Давос, кратко по полноќ.

Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, изјави дека одлуката за враќање била донесена веднаш по полетувањето, од претпазливост, откако екипажот детектирал техничка неправилност.

Пред заминувањето, Трамп изјави дека форумот ќе биде „многу интересен“, а во американската делегација се и државниот секретар Марко Рубио, шефицата на кабинетот на Белата куќа, Сузи Вајлс, заменик-шефот Стивен Милер и директорот на Националниот економски совет, Кевин Хасет.

Во претходниот период се регистрирани слични инциденти со воени авиони. Во февруари 2025 година, авион со кој патувал државниот секретар Рубио кон Германија бил принуден да се врати поради механички дефект, а во октомври истата година авион со министерот за одбрана морал итно да слета во Велика Британија поради пукнатина на ветробранското стакло.

Американските претседателски авиони се во употреба од 1990 година. Тие требаше да бидат заменети со нови верзии во 2024 година, но поради одложувања, првиот нов авион ќе биде готов дури во 2027, а вториот во 2028 година.