Про-рускиот, анти-НАТО и ултранационалистички Калин Џорџеску освои најмногу гласови во првиот круг на претседателските избори во Романија, пренесува Гардијан.

Според државната изборна комисија, со 99,98 отсто од гласовите пребројани, универзитетскиот професор Џорџеску освоил 22,9 отсто од гласовите, а на второ место е Елена Ласкони, од центар-десничарската партија „Унија за спасување на Романија“ (УСР), со 19,17 отсто од гласовите.

Предизборните анкети предвидоа дека Џореску ќе освои само околу 5 отсто од гласовите. Тие предвидоа дека на прво место ќе е сегашниот про-европски премиер Марсел Чиолаку, кој, според сегашните резултати, е на трето место, со 19,15 отсто од гласовите.

Џоџреску е независен кандидат, односно не стои ниедна партија зад него. Тој го има пофалено рускиот претседател Владимир Путин, велејќи дека е „човек кој ја сака својата земја“.

Претседателската функција во Романија има полу-извршна улога која вклучува значителна моќ во донесувањето одлуки за националната безбедност, надворешната политика и судските назначувања.

Вториот круг од претседателските избори е закажан за 8 декември, по парламентарните избори кои треба да се одржат следната недела.

Романија, која дели 600 километри граница со Украина, се смета дека игра клучна стратешка улога во војната во Украина. Романија има воена база на НАТО и обезбедува витална транзитна рута за милиони тони украинско жито.

„Вечерва романскиот народ апелираше за мир. И тие извикаа многу гласно, исклучително гласно. Ние сме силни и храбри, многумина од нас гласаа, а уште повеќе ќе го сторат тоа во вториот круг“, рече Џорџеску вчеравечер.