fbpx

Признај ја вината и куртули од голема казна

-

Признај ја вината, спогоди се со Јавното обивнителство и на тој начин ублажи си ја санкцијата за извршеното кривично дело и времето на престој во казнето-поправна установа.

Вака накусо може да се интерпретира одредбата во новиот Закон за кривична постапка (ЗКП), која овозможува случаите што се во надлежност на обвинителството да имаат брза разрешница, без странките да мораат да влезат во судница.

Оваа новина во ЗКП, кој активно е на сила нешто повеќе од една година, досега го немаше предизвикано интересот на јавноста. Сè до неодамна, кога од роднини на српските државјани кои летово ги загубија животите во стравотна сообраќајна незгода, стигна жестока реакција на сметка на оваа одредба и со тоа на целиот македонски правосуден систем, оти виновникот за несреќата бил осуден на само 22 месеци затвор, откако ја признал вината и се спогодил со обвинителството.

Теоретичарите и практичарите се со поделени мислења околу самото законско решение и неговата компатибилност со правосудната практика во земјава.

Професорот по кривично право, Гордан Калајџиев вели дека една од главните причини за воведувањето на спогодбата е зголемувањето на ефикасноста при решавањето на делата.
– Целта е да се забрза постапката во случаите каде што нема спор меѓу странките, бидејќи тој дел е еден од поголемите проблеми во македонското судство. На едно неодамнешно советување за примената на новиот ЗКП, очекувавме дека ќе има негативни критики, меѓу другото и за оваа одредба, но, напротив, таа беше пофалена и информациите од обвинителството се дека има доста постапки кои се решаваат на овој начин. За нејзиното воведување се земени предвид искуствата на сите земји од ЕУ, кои, пак, ја имаат преземено од правосудниот систем на САД – вели Калајџиев.

Адвокатот Звонко Давидовиќ смета дека сè уште е рано да се оценуваат придобивките од оваа одредба. Според него, спогодбата е добра како законско решение, но треба да се имаат и предвид околностите во правосудниот систем во кој треба да функционира.

– Ова е практика која е преземена од правосудството на САД, кое функционира поинаку од нашето. Таму постои прецедентно или споредбено право, според кое судската одлука што е донесена во еден случај, може да се употреби при разрешавањето на друг, нему сличен. Кај нас постои голема невоедначеност меѓу судската практика и казнената политика и за исти дела се изрекуваат различни казни. Ние имаме судови, како штипскиот и прилепскиот, кои изрекуваат најдраконски пресуди и секој втор обвинет завршува во затвор. Од друга страна, во тетовскиот суд, каде има случаи на тешки кривични дела, затворските казни се мали или условни. Судовите во Радовиш и во Ресен речиси или воопшто не изрекуваат затворски казни – вели Давидовиќ.

Оваа одредба е пропишана во членовите од глава 29 од новиот ЗКП и, според нив, спогодувањето меѓу осомничениот и јавниот обивнител се врши само во присуство на авокат, а предлог-спогодбата потоа се поднесува до судија на претхода постапка, од кого се бара да примени казна во законски определени рамки, но не под долната граница предвидена според кривичниот закон.

Пресудата ја носи судија на претходна постапка, кој може и да ја поништи предлог-спогодбата доколу на рочиштето за оцена на спогодбата некоја од двете страни побара казна различна од онаа во спогодбата. Тогаш се смета дека двете страни се откажале од спогодбата и предметот оди во понатамошна постапка во која спогодбата не може да се користи како доказ.

Оштетениот во случајот, според ЗКП, нема право на жалба.

Од земјите во регионот, спогодбата функционира во судската практика на Хрватска и на Босна и Херцеговина.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...