Обвинението за кобната несреќа што се случи на 16 март во кочанската дискотека „Пулс“, е повеќе од само правен документ. Тоа е хронологија за нефункционирањето на цел еден систем, поради што згаснаа 62 животи, а над 220 беа повредени, пишува Призма.

Обвинителниот акт покажува дека пожарот во Кочани бил предвидлива катастрофа. Прашање на време било само кога ќе стигнат за наплата 13 годишните системски пропусти, непостапувања, но и корупција. Сето ова е детално опишано на 166 страници во обвинителниот акт, на кој, потпис ставил кочанскиот обвинител, Борче Јанев, еден од тринаесеттемина обвинители што работеше на случајот.

Она што прво паѓа во очи во обвинението до кое дојде БИРН е дека ова ќе биде долго и тешко судење. Има 34 обвинети и три фирми, но и мошне обемен доказен материјал – над 1.440 докази и голем број предложени сведоци-оштетени за сослушување – 283.

Некои од адвокатите што ги бранат обвинетите јавно коментираа дека очекуваат судски маратон налик на мега-случајот „Змиско око“, за злоупотреби при наплата на патарините, кој траеше скоро две декади и заврши неславно.

Обвинението ги третира сите обвинети како соизвршители, што подразбира дека дејствувале со заедничка умисла, иако дејствијата, односно непостапувањето на обвинетите, биле во различни временски периоди.

На сите обвинети обвинителството им става на товар едно исто кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, и тоа за ставот кој се однесува на непостапување на службени лица за заштита од несреќи.

На прес-конференцијата при презентирањето на обвинението, државниот обвинител Љупчо Коцевски, на прашањето на БИРН зошто државните функционери не се обвинети за дела при извршување на службената должност, одговори затоа што кај нив, „последицата не била смрт“.

Со други зборови, обвинетите министри и останати функционери директно се обвинети за смртта на младите луѓе.

Ним им се заканува затвор од три до 20 години. Обвинети се и фирмата чија е дискотеката, како и фирмата за обезбедување и проектантско друштво.

Обвинението е едно од ретките во обвинителската пракса што опфаќа невообичаено долг период на дејствија од 13 години. Државниот обвинител го нарече „долгорочен каузалитет“. Ова е првпат да се конструира ваква теорија на случај, што подразбира барање кривична одговорност за толку долг период.

Записници од 2012

Првообвинет, според обвинението, е 53-годишниот кочанец Дејан Јованов, угостител со средно електро-образование, оженет и татко на две деца. Јованов е основач и сопственик на фирмата „Класик ДМ“, а еден период бил и управител на подружницата на оваа фирма, кабарето „Пулс“.

Првата лиценца за дискотеката ја добил во 2012. На 1 декември 2012 склучил договор за закуп со сопственикот на објектот, Гроздан Милковски, а веќе по 12 дена можел да работи, иако објектот не ги исполнувал минималните технички услови за угостителска дејност.

Објектот кој има 415 квадрати бил реконструиран двапати на диво. Еднаш во 2012 и вторпат во 2024. Пренамената се правела без план за процена на загрозеност и план за заштита и спасување.

Лиценци за мито од 200 и 3.600 евра

Еден од најилустративните делови од обвинението, што потврдува дека во прашање е корупција е поврзан со вработени во Министерството за економија, како клучна институција за лиценцирање на дискотеката.

Обвинетиот службеник во Министерството за економија, Џеваир Камбери, во 2019 директно побарал и добил 200 евра од Дејан Јованов на неговата банкарска сметка без да биде спроведена законска постапка за добивање лиценца за угостителска дејност.

Истото се повторило и во 2024 година. Тогаш митото било поголемо. Во Министерството за економија Јованов на Камбери во готово му дал 226.000 денари, односно околу 3.600 евра. За возврат ја добил фалсификувана лиценца, на која Камбери „своерачно се потпишал, како да се потпишала обвинетата Размена Чекиќ-Дуровиќ“.

Документот бил заверен со службен печат како да е издаден од Министерството за економија.

Неколку минути за катастрофа

Два и пол часа пред да избие пожарот, вокалистот Владимир Блажев – Панчо, кој уште е на лекување, заедно со сега покојниот Мартин Атанасовски-Буцо, поставиле три од пиросценските уреди, т.н. „пиротехнички фонтани“ на три базни уреди кои се активираат истовремено со телескопска антена.

Пиротехниката, според обвинението, била увезена од бугарската фирма „Тропик 2000 ЕОД Софија“.

Обвинетите немале одобрение за експлозивни материи, но и покрај тоа, покојниот Атанасовски-Буцо ги внел во дискотеката, а обезбедувачите не го спречиле.

„По отпочнувањето на настапот на музичката група ДНК околу 02.32 часот на 16.03.2025 како дел од претходно утврдени визуелно сценски ефекти кои започнувале при изведба на песната ‘Што сака нека биде’“, сега покојниот Мартин Атанасовски-Буцо со далечински управувач ги активирал пиротехничките фонтани“, пишува во обвинението.