Чешката полиција поведе истрага откако редарите и симпатизерите на чешкиот претседател Милош Земан ги нападнаа новинарите во неговиот изборниот штаб по победата во вториот круг од претседателските избори во земјата.
Редарите и симпатизерите синоќа со тупаници ги напaднаа акредитираните новинари, турнаа и скршија камера на чешката приватна телевизија „ТВ Нова“ и ги навредуваа медиумските работници.
Нападот се случи во хотелот ТОП во Прага, каде што во изборниот штаб се славеше победата на претседателот Земан.
Инцидентот се случи кога новинарите сакаа да го снимаат доаѓањето на итната помош поради еден гостин на Земан, кој видно алкохолизиран падна со шишето пиво в рака.
Поради тоа реагираа од изборниот штаб, почнаа да ги туркаат новинарите за да ја затворат салата и да ги спречат да снимаат.
https://twitter.com/pavlina_kosova/status/957308613281886208
Еден од редарите ја фрли камерата на земја на приватната телевизија, а во тепањето се приклучи и еден од гостите на претседателот со иста жолта новинарска пропусница кој со тупаници нападна еден од новинарите, а од насилство неа беа поштедени ниту новинарките.
https://twitter.com/pavlina_kosova/status/957309063972388864
Од кабинетот на претседателот се правдаат дека напаѓачите не се од државното обезбедување на претседателот и ги повикаа новинарите на кафе како гест на извинување.
Инцидентот го осудија и „Репортери без граници“ од каде истакнаа дека тоа е срам за европската демократија и дека нападите врз новинарите мора да престанат.