fbpx

Привремено стопирани операциите што не се итни во Клиничката болница во Штип

-

Втора недела како се одложени операциите на хируршкото одделение во Клиничката болница во Штип, а веќе некое време не се прават ниту зафати на око на очното одделение, потврди денеска на прес конференција директорот Ален Ѓеоргијев. Причина е состојбата со ковид-19 и отсуството на дел од персоналот на хируршкото одделение и на рендгенологија, каде има заболени и вработени што се во изолација. Поголем дел од персоналот на очното одделение е испратен на работа во инфективното одделение, поради зголемениот број на пациенти.

Пандемијата со месеци го диктира работењето на болницата, но и насочувањето на средствата кон нови набавки, кои пред пред тоа, биле сосема доволни.

„Минатиот месец набавивме нови регулатори на кислород, денеска добивме нови 15 истородни боци кислород, што ги обезбедивме со помош на три штипски фирми. Боците чинат 3.000 евра, а дополнителни 227.000 денари се обезбедени за набавка на 25 нови регулатори на кислород“, рече Ѓеоргијев.

Потребите за кислород се големи, бидејќи само во текот на вчерашниот ден од 50 пациенти на инфективното одделение со ковид-19, дури 30 биле на кислородна поддршка. Во октомври болницата потрошила 14 тони кислород, додека во ноември еден тон повеќе.

Новите трошоци бараат и поголем годишен буџет за Клиничката болница. Идната недела, на 16 декември е закажан состанокот со Фондот за здравствено осигурување, каде ќе се усогласуваат потребите со можностите на државата да издвои за здравјето на граѓаните од источниот дел на државата.

Оваа тековна година, Клиничката болница има буџет од 470 милиони денари, меѓутоа, според раководството, потребите се поголеми и ќе се бара поголем буџет. Тука ќе влезат и новите вработувања, планирани за 2021 година. Одобрениот план за вработување на Клиничката болница од Штип предвидува нови 50 здравствени работници и помошен персонал. Во оваа група не се предвидени доктори, но се очекуваат одобренија за нови специјализации на ангажираните доктори во секундарното здравство. Недостасуваат инфектолози, анестезиолози и ортопеди.

Пред месец и половина е одобрено вработување на нови 23, дел медицински сестри, физиотерапевти и болничари, меѓутоа, според директорот Ален Ѓеоргијев, поради распишаните Вонредни локални избори во Штип и Пласница, овој оглас не може да биде објавен.

„Ако се завршат изборите во декември, тогаш ќе може да го распишеме огласот. Доколку не, ќе треба да бараме нова согласност за веќе одобрените 23 вработувања“, кажа Ѓеоргијев.

Монтажната ковид болница, за која теренот е веќе подготвен, се очекува да биде поставена во текот на јануари. Штипската влезе во приоритетните монтажни болници, кои први ќе се поставуваат. Овој потег е добредојден за Клиничката болница, не само поради наплив на пациенти со ковид, туку и поради сè уште нереализираниот проект за реконструкција на инфективното одделение. Преку проект на ЕУ за прекугранична соработка со Бугарија, добиени се средства за замена на столаријата и поставување на нова фасада. Меѓутоа, пандемија ги одложи сите работи иако овие средства не може трајно да бидат резервирани и мора да бидат искористени, иако рокот еднаш веќе е пролонгиран.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Бизнисот на задоволството“ доби награда за најдобар долгометражен филм на фестивал во САД

Филмот „Бизнисот на задоволството“ на авторот Гоце Цветановски ја доби наградата за најдобар долгометражен филм на „Риверсајд Филм фестивал“ во Калифорнија, САД. Фестивалот, што се одржа од 10 до...