Можноста за ангажирање лица преку агенции за привремени вработувања и за вработување на определено време масовно се користи за вработување ов јавниот сектор. Ова го потврдува и анализата на „Транспаренси интернешнл – Македонија“ и Државната комисија за спречување на корупцијата и судирот на интереси (ДКСК) во проектот „Проценка на ранливост од корупција во политиките и постапките за вработување, со посебен фокус на непотизам, кронизам и клиентелизам“.

– Трансформацијата на работниот однос од определено во неопределено време се користи масовно, како и привремените вработувања, кои потоа стануваат постојани – нагласи Слаѓана Тасева, претседателка на „Транспаренси интернешнл – Македонија“.

На почетокот на проектот, „Транспаренси“ и ДКСК направиле прелиминарна анализа на 19 закони и два подзаконски акта кои се однесуваат на вработувањата во јавниот сектор, и утврдиле 46 точки на ранливост од корупција. Привремените и вработувањата на определено време се значаен дел од точките на ранливост.

Вакви можности се утврдени во Законот за вработените во јавниот сектор, за каде се препорачува да се укине можноста лицата кои се привремено вработени да поминат во редовен работен однос без редовна постапка за вработување. ВО Законот за работните односи, можноста за трансформирање на работен однос од определено на неопределено време остава можност да се заобиколи постапката за вработување предвидена во Законот за административни службеници. Можност за трансформација на работниот однос има и во Законот за основното образование, а слични можности остава и Законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта.

„Можеме да констатиреме дека во повеќето од анализираните прописи се предвидува можност за трансформација на работн однос од определено на неопределено време. Како што напоменавме и погоре во анализата сметаме дека на овој начин се влијае на редовната постапка за вработување.“ се заклучува во прелиминарната анализа.

Привремените вработувања, односно лицата ангажирани преку агенции за привремени вработувања, не влегуваат во вкупниот број вработени во јавниот сектор. Министерството за информатичко општество и администрација минатата година, во Годишниот извештај од регистарот на вработени во јавниот сектор, првпат го објави нивниот број, кој веќе во следниот извештај станал 50 отсто поголем, односно за една година од 1,624 пораснал на 2.439 привремено ангажирани лица. Вкупниот број вработени во јавниот сектор, според дефиницијата по која се води регистарот, од 2017 до 2018 година пораснал од 128.722 на 132.068 лица.