Вечерва полицијата приведува осомничени во врска со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во кој загинаа 59 лица, а 190 се повредени. Засега непотврдените информации говорат дека се приведени актуелниот градоначалник во оставка Љупчо Папазов, но и неговите претходници, Николчо Илијев и Ратко Димитровски.
Од Обвинителството не дадоа повеќе информации, освен што потврдија дека во моментов е во тек акција за приведување на осомничени, која според нив ќе трае во текот на ноќта.
„Во тек е акција за полициски екипи по наредба на Основното јавно обвинителство Кочани, а во врска со постапката за пожарот во клубот „Пулс““, велат од обвинителството. Од таму додаваат оти акцијата за приведување лица кои се сомничат дека се вмешани во овој случај, ќе трае во текот на ноќта, а изутрина ќе споделат повеќе информации.
Денеска во Кочани беа погребани 30 починати од пожарот во дискотеката „Пулс“, во повеќе градови беа погребани и дел од останатите жртви, како и членовите на бендот ДНК кои починаа вечерта на 16 март 2025 година.
Според претходните изјави на државниот обвинител Љупчо Коцевски, дискотеката не ги исполнувала условите за да работи како ноќен клуб, односно кабаре, имала само еден излез, немала хидрант, ниту доволно ПП апарати, била обложена со запалливи материјали. Концертот кобната ноќ се одвивал без потпишан договор.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, на повеќе наврати потенцираше дека последната лиценца за работа на оваа дискотека била издадена минатата година во март, а истекла неколку дена пред кобната ноќ.
Иако била регистрирана како лесна индустрија, дискотеката „Пулс“ функционирала уште од 2012 година. Периодот од 2012 година до денска ги опфаќа мандатите на тројцата приведени градоначалници.
Министерството за здравство ги објави имињата на жртвите во Кочани