Овластени службени лица од Управата за финансиска полиција, заедно со Министерството за внатрешни работи, денеска спроведоа претреси на повеќе локации во Скопје, постапувајќи по наредби издадени од судија на претходна постапка, а во координација и под раководство на надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Акцијата произлегува од претходно поднесена кривична пријава од страна на Управата за финансиска полиција до Обвинителството против три лица вработени во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), управители, сопственици и овластени лица на правни субјекти, како и против правни лица, поради постоење основи на сомнение за сторени повеќе кривични дела.
Според информациите од институциите, предметот опфаќа двајца поранешни претседатели на ФФМ за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело „Проневера во службата“, раководителка на Одделението за финансии и сметководство при ФФМ, 14 управители, сопственици и овластени лица во правни лица, како и раководител на Одделот за судии и судење при ФФМ. На дел од нив, покрај делото „Проневера во службата“, им се става на товар и кривичното дело „Перење пари и други приноси од казниво дело“.
Во предметот се опфатени и осум правни лица за кои постои основано сомнение дека ги сториле кривичните дела „Проневера во службата“ и „Перење пари и други приноси од казниво дело“.
Според доказите обезбедени во предистражната постапка, првоосомничениот, во својство на претседател на ФФМ, заедно и по претходен договор со осомничената раководителка на Одделението за финансии и сметководство, во периодот од 1 јануари 2015 година до 25 јули 2018 година, преку повеќе временски поврзани дејствија, со намера да прибават противправна имотна корист за себе и за други лица, присвоиле парични средства доверени во службата во вкупен износ од 127.451.156 денари.
Второосомничениот, исто така во својство на претседател на ФФМ, заедно и по претходен договор со истата осомничена, во периодот од 25 јули 2018 година до 10 октомври 2019 година, преку повеќе временски поврзани дејствија, присвоил парични средства доверени во службата во износ од 53.351.209 денари.
Осомничената раководителка на Одделението за финансии и сметководство, со цел да ги прикрие незаконските исплати кон повеќе правни лица, вршела манипулации со сметководствената евиденција на ФФМ.
„Најнапред плаќањата ги евидентирала како намалување на обврски по основ на влезни фактури, а потоа вршела измени на веќе евидентираните налози за книжење, бришејќи ги обврските и евидентирајќи ги како трошоци без наведување на конкретна фактура, услуга или деловен партнер“, се наведува во соопштението.
Со ваквите постапки, според истрагата, сметководствената евиденција на ФФМ содржела нецелосни, неточни и манипулирани аналитички картици за деловни партнери и трошоци.
Двајцата осомничени претседатели на ФФМ, во различни временски периоди, иако биле должни да обезбедат законито, економично, наменско и транспарентно користење на финансиските средства и да вршат контрола над финансиското работење на федерацијата, одобриле и потпишале вкупно 728 налози за исплата доставени од страна на осомничената раководителка.
Со тоа, според наводите, овозможиле исплата на парични средства без целосна и валидна финансиска документација и без претходна проверка на основаноста и намената на исплатите.
„Постапувајќи спротивно на член 92 од Статутот на ФФМ и член 6 од Правилникот за организација на ФФМ, како и непреземајќи мерки за спречување на незаконито користење на средствата, тие предизвикале штета на Фудбалската федерација на Македонија во вкупен износ од 180.802.365 денари“, стои во соопштението.
Дополнително, осомничените управители, сопственици и овластени лица во правните лица, во име и за сметка на компаниите, издавале фактури со невистинита содржина за наводно извршени услуги и испорачани стоки кон ФФМ.
Врз основа на тие фактури, осомничената раководителка изготвувала налози за исплата кои потоа биле доставувани до одговорните лица во ФФМ за одобрување и потпишување.
Според истрагата, на овој начин на ФФМ ѝ била причинета штета во наведениот износ, додека правните лица се стекнале со противправна имотна корист. Потоа, средствата прибавени со кривичното дело биле примани, раситнувани, пуштани во оптек и користени во финансискиот промет со цел прикривање на нивното незаконско потекло.
Во рамки на денешната акција, а согласно насоките на надлежниот јавен обвинител, од страна на Управата за финансиска полиција од слобода се лишени 12 лица, додека пет лица се недостапни на органите на прогон.
Воедно, обезбедена е дополнителна документација, запленети се парични средства и одземени се електронски уреди кои ќе бидат предмет на вештачење.
