Лекар-гинеколог и уште едно медицинско лице од Клиниката за гинекологија при Клиничкиот центар во Скопје денеска попладне биле приведени на сослушување во полиција, под сомневање за земање поткуп, пренесуваат медиумите.

Идентитетот на гинекологот и на другото лице засега не се соопштуваат, а според првичните информации, тие, наводно, побарале поткуп од 20.000 денари за да породат трудница од внатрешноста со царски рез.

Како што пишува „Утрински весник“ на својата интернет-страница, повикувајќи се на свои извори, случајот во Министерството за здравство го пријавил граѓанин, по што биле испратени инспектори од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, а потоа била известена и полицијата.