Приватните превозници утре со 30 автобуси ќе блокираат дел од Скопје

Архива на Мета.мк

Приватните автобуски превозници најавија дека утре ќе го блокираат сообраќајот со повеќе од 30 автобуси и повеќе од 300 лица на крстосницата кај „Мавровка“, на булеварите „Гоце Делчев“ и „Крсте Петков Мисирков“.

Протестот и блокадата, како што најавуваат од автобускиот превозник „Слобода превоз“, ќе траат до исполнување на барањата кои превозниците ги имаат до Градот Скопје. Посочуваат дека доколку не бидат исполнети во брзо време, блокадите во наредните денови ќе се прошират и на други сообраќајници. За утре е најавена и средба на претставници на „Слобода превоз“ и на ЈСП Скопје, а приватните превозници најавија дека ќе присуствуваат и на седницата на Советот на Град Скопје.

„На средбата со претставници на Управниот Одбор на ЈСП, на која се очекува да присуствува и директорот, ќе побараме информации за долгот и зошто директорот не ги исполнува обврските од договорот, како и информации за целиот процес од набавка, дистрибуција до продажба на билети и за функционирање на АВЛ системот и системот за наплата. „Слобода превоз“ нема улога во тој процес и нема пристап до тие податоци. Јавноста не смее да биде дезинформирана особено за состојби за кои постојат записи, аргументи и факти“, велат приватните превозници.