Основното јавно обвинителство Велес поведе постапка против 59-годишен велешанец осомничен за кривично дело демнење и продолжено насилство. Според обвинителството, мажот во изминатите месеци ја следел жртвата, се мешал во нејзиниот личен живот, ја контролирал со кого се дружи и комуницира, ја навредувал и психички ја вознемирувал, со што ѝ предизвикувал чувство на страв и несигурност.
На 18 септември, осомничениот повеќе пати во текот на денот физички ја нападнал жртвата – еднаш на нејзиното работно место, а потоа уште три пати насилно влегол во нејзиниот стан каде што повторно вршел насилство и ѝ нанел телесни повреди.
Јавниот обвинител оценил дека постои висок ризик осомничениот да ги повтори делата, имајќи предвид неговата упорност и фактот дека работи на истото место со жртвата. Дополнително, поради тоа што поседувал важечки документи за премин на државната граница, постоела опасност и од бегство.
Поради овие околности, обвинителството доставило предлог до Основниот суд во Велес за определување мерка притвор, кој бил прифатен.
