fbpx

Притвор за уште двајца осомничени во случајот „Транспортер“

-

Судија на претходна постапка им одредил мерка притвор од 30 дена на двајца од тројцата осомничени во случајот „Транспортер“, кои денеска беа на распит во Кривичниот суд во Скопје, потврдија за „Мета“ од Основниот суд Скопје 1.

На третиот осомничен, според информациите од судот, му биле одредени мерки за претпазливост, односно да му биде одземен пасошот, да се јавува пред надлежен суд и да не го напушта живеалиштето.

Од вкупно 11 осомничени во случајот „Транспортер“ за кои Специјалното јавно обвинителство побара да им бидат одредени мерки за обезбедување присуство, тројца добија притвор, еден куќен притвор, додека на другите судијата на претходна постапка им изрече мерки за претпазливост.

Сослушувањето на осомничените во Кривичниот суд во Скопје траеше три дена. Меѓу лицата на кои им е одреден притвор е и секретарот на Општина Битола, кој во времето кога бил направен криминалот со автобускиот превоз на ученици во Битола, бил надлежен за јавните набавки во Општината.

Специјалното јавно обвинителство минатата недела отвори истражна постапка поради основани сомневања за сторена злоупотреба со превозот на ученици во Битола, во која осомничени се вкупно 22 лица.

Првоосомничен во случајот е битолскиот градоначалник Владимир Талески, против кого не се води постапка бидејќи е еден од 56-те лица што беа аболирани од претседателот на државата, Ѓорге Иванов.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.