Министерството за внатрешни работи соопшти дека е одредена мерка притвор за тројцата учесници кои беа уапсени за сквернавење на државното знаме при прославата на Денот на албанското знаме на 28 ноември годинава.
Како што информира МВР, лишени се од слобода вкупно осум лица во врска со извршено кривично дело “Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа” по чл.319 од КЗ.
Настанот се лучи по повод организираната прослава на Денот на албанското знаме на плоштад Скендербег во Скопје, при што по завршување на прославата, како што велат од МВР, повеќе лица на неколку локации на бул. “Крсте Мисирков”, го запалиле и скинале државното знаме.
„Од страна на Единицата за насилен криминал – Одделение за насилен криминал преземени се оперативни мерки и активности, како и прегледи на видео снимки од безбедносни камери и видеа објавени на социјални мрежи, при што е обезбеден доказен материјал и документирани се дејствијата на лицата Ф.И., Е.Д. и С. М.“, соопшти МВР.
Во координација со ОЈО Скопје против нив е поднесена кривична пријава по брза постапка за кривично дело “Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа” по чл.319 од КЗ и се изнесени пред Судија за претходна постапка, од чија страна на истите им е одредена мерка притвор во траење од осум дена.