Фото: Mos.ru, CC BY 4.0, на Викимедија комонс

Министерот за здравство Венко Филипче и рускиот амбасадор Сергеј Баздникин на скопскиот аеродром попладнево ја пречекаа првата пратка од руската вакцина „Спутник V“ од Русија. Пратката од вакцини доволни за прва вакцинација за околу 3.000 граѓани стигна со редовен лет на „Ер Србија“ од Белград.

Дозите за ревакцинација и другите дози од прва вакцина би требало да пристигнат наскоро, односно за најмногу три седмици.

Според најавите од министерот за здравство, до крајот на месецот треба да стигнат и вакцини од „АстраЗенека и „Фајзер – БиоНТек“.

„Ние ќе ја продолжиме нашата интензивна комуникација со цел да се организира и динамиката на доаѓањето на следните количини. Вкупно нарачани се 200.000 дози, станува збор за вакцини коишто се различни во делот на вакцинација и ревакцинација, што значи дека сите овие 3.000 дози ќе се користат за прва вакцина. Продолжува процесот на имунизација во дел на здравствени работници и според индикацијата на граѓани како што е тоа предвидено во Националниот план за имунизација“, изјави Филипче.

Рускиот амбасадор Баздникин рече дека вакцината „Спутник V“ е безбедна и ефикасна и истакна дека ќе биде вредно оружје во борба против ковид пандемијата.

„Сосе Република Северна Македонија, вакцината е регистрирана во 46 земји во светот, вклучувајќи неколку држави во ЕУ. Сега е во тек во забрзана постапка во Европската агенција за лекови за да ја испитува делотворноста на вакцината врз основа на резултати од досегашите лабораториски испитувања и истражувања. Во СЗО се разгледува барањето за „Спутник V“ да се вклучи во листата на лекови одобрени од СЗО да се користи во вонредни ситуации“, порача амбасадорот на Руската федерација.

Нарачани се над 2 милиона вакцини, но, само 120.000 граѓани се пријавиле досега за имунизација, соопшти вчера министерството за здравство.

Вакцинирањето со „Спутник V“ би требало да почне в среда.