fbpx

Пристигнаа првите холандски туристи во Охрид за оваа година

-

Претпладнево, на аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид, пристигна првата група холандски туристи на охридското крајбрежје, со организирани аранжмани на тур-операторите „Корендон“ и „Фибула ер травел“. Сто и осумдесетината гости беа пречекани со посебна церемонија, на традиционален македонски начин, со сол и со погача, но и со поздравни говори.

Генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Зоран Крстевски, рече дека со првиот лет од Холандија дошле и патници кои претходно биле во Охрид, со што се потврдува посветеноста на ТАВ кон патниците, но и воопшто, кон развојот на туризмот.

– Годинава на охридскиот аеродром очекуваме летови со триесетина илјади туристи, што од Бенелукс, што од други дестинации. Годинава ТАВ даде и дополнителни атрактивни попусти за компаниите кои летаат на охридскиот аеродром и очекуваме нивниот број да се зголеми со оглед на тоа што туристичката понуда на охридската ривиера сè повеќе ги задоволува потребите на голем број туристи од регионот и од светот – додаде Крстевски.

Менаџерот на туроператорот „Фибула ер травел“, Асим Меџедовиќ, за годинава најави за 20 отсто зголемен број туристи во однос на минатата година.

– Со новите програми што ги воведовме, како што е услугата „ол-инклузив“ во некои од хотелите и вметнување хотели кои имаат побогати содржини, им даваме поголем избор на гостите и на тур-операторите кои ќе доаѓаат во Македонија. Предвидени се три чартер-летови неделно и четири во шпицот на сезоната. Нашите очекувања се дека гостите ќе бидат задоволни, ќе им се понудат попрофесионални услуги и екскурзии и ќе се вратат повторно во Охрид – истакна Меџедовиќ.

Со денешниот прв чартер-лет од Амстердам почна организираното носење туристи во Охрид и во Струга. На 10 јуни се очекува да биде воспоставен летот за Лондон, а на 1 јули и летот за Базел. Годинава се очекуваат летови од Швајцарија, како и веќе востановените чартер-линии од Австрија.

В.М.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...