Фото: Министерство за здравство

Од утре низ вакциналните пунктови во земјава ќе продолжи имунизацијата на населението против ковид-19 со вакцините „Фајзер“. Вчера попладнето пристигнаа 10.530 вакцини „Фајзер“, која што Министерството за здравство ја обезбеди со директни преговори со производителот, информираат од ова министерство.

Станува збор за прва пратка од „Фајзер“, додека втората со уште 10.000 вакцини за овој месец се очекува да пристигне на 26 април. Кон крајот на април треба да пристигнат и 200.000 дози од кинеската вакцина „Синофарм“, а во истиот период би требало да пристигнат околу 76.000 дози на вакцината „Астра Зенека“ кои земјава ги доби преку КОВАКС-механизмот.

Според официјалната веб-страница kovid19vakcinacija.mk на Министерството за здравство, во земјава досега се вакцинирани 41.421 лица, додека бројот на заинтересирани граѓани за да ја примат вакцината против ковид-19 се искачи на 182.250.