Фото: Арбнора Мемети, Мета.мк

На граничниот премин Табановце, утрово пристигна првата пратка „Фајзер“ вакцини против ковид-19 од Србија. На примопредавањето присуствуваше претседателот на Србија, Александар Вучиќ заедно со делегацијата, како и премиерот Зоран Заев со министерот за здравство, Венко Филипче и претставници на Владата.

„Ние сме целосно спремни, вакцините се веќе на пат да бидат сместени во соодветните фрижидери. Во текот на утрешниот ден ќе се заврши регуларната процедура во Агенцијата за лекови, после што вакцинацијата ќе започне во среда со здравствените работници во модуларната клиника во Клиничкиот центар во Скопје“, изјави министерот за здравство, Филипче.

Благодарност до српската влада изрази и премиерот на државата, Зоран Заев.

„Како израз на драгоцен чин на пријателство, Република Србија солидарно споделува дел од своите вакцини со народот на Северна Македонија. Пакетот од 4.680 од вкупно 8.000 вакцини е израз на пријателска и соседска подадена рака за поддршка и прва помош“ рече Заев на примопредавањето и посочи дека овој чин ги зацврстува и им дава светла перспектива на односите помеѓу двете држави.

Заев потенцираше дека вакцините од Србија ќе влезат во националниот план за вакцинација што го објави Министерството за здравство, а кој постојано ќе се ажурура согласно пристигнувањето на останатите договорени вакцини, како и типот и спецификите на вакцините.

„Среќни сме што имаме можност да го направиме ова. Можевме да го направиме и пред 10 дена, но процедурата е многу сложена околу дозволата за извоз на вакцините, затоа што постојат строги процедури од страна на компанијата „Фајзер“. Среќен сум што може да помогнеме со овој чин да започне имунизацијата во Северна Македонија“ истакна претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Тој рече дека верува дека оваа количина на вакцини ќе биде доволна за медицинскиот персонал во ковид центрите кои се најкритичната група во борбата со ковид-19.

Инаку, Фајзер вакцините од Србија требаше да пристигнат во четвртокот меѓутоа како што информираа во Владата, немаше усогласување на техничката документација.

За да се обезбеди колективен имунитет, односно за да запре ширењето на ковид-19, како што велат во Светската здравствена организација, потребно е околу 70 отсто од населението да се вакцинира. Додека државата ги чека првите дози вакцини, Мета.мк ги праша здравствените експерти, колку време е потребно за да се вакцинира 70 отсто од населението, со што би можеле, условно речено, да „дишеме“ послободно.