fbpx

Пристигна и 2020 година, жичарата со шест седишта на Попова Шапка не е пуштена

-

Во пресрет на почетокот на скијачката сезона на Попова Шапка, жичарата со шест седишта сѐ уште не е подготвена да се пушти во употреба, и покрај ветувањата на министерот за економија Крешник Бектеши. Министерството за транспорт и врски, односно Комисијата за техничка контрола за употребна лиценца, има уште осум работни дена (до 22 јануари) да одговори на барањето на Електростопанство на Северна Македонија (ЕСМ) за оваа жичара. Проблемот е отежнат најмногу поради тоа што засегнатата компанија, го доставила барањето само три дена пред Новогодишните празници, а можеле да го сторат тоа уште во октомври, пишува „Порталб.мк“.

Од октомври 2019 година, кога и официјално заврши повторената постапка за жичарата со шест седишта, односно за пренамена на земјоделското земјиште во градежно, документите за продолжување на постапката спиеле во фиоките на ЕСМ до крајот на декември. Всушност, барањето за пренамена на земјиштето од земјоделско во градежно земјиште е завршено на 21.10.2019 година и истата е објавена во Службен Весник.

Од ЕСМ за „Порталб.мк“ велат дека „доколку сите недовршени постапки (добивање дозвола од Министерството за транспорт и врски) завршат, во втората половина на јануари 2020 година, очекуваме комерцијална употреба на жичарата со шест седишта во ски – центарот „Попова Шапка“.

По поднесувањето на барањето на 27 декември, непосредно пред празниците, сега на ред е Министерството за транспорт и врски, односно Комисијата за техничка контрола, за добивање употребна лиценца, која има рок да одговори до 22 јануари.

Од ова министерството велат дека „тие моментално проверуваат дали документацијата на компанијата е комплетна“.

Според Законот за градба, ако сѐ е во ред со документацијата, ќе се изврши увид на терен. Ако не, ќе се бара комплетирање на документацијата, што може уште да ја одолговлечи постапката. И конечно, ако сé оди добро, повторно треба да се бара дозвола од Министерството за економија за пуштање на опремата во функција.

Министерот за економија Крешник Бектеши пред неколку месеци изјави дека жичарата ќе биде подготвена за сезоната 2019/2020, дури додаде дека за ова „можеме да го држиме за збор“. Сепак, во моментот кога бараме одговорност за одложувањата и одолговлекување на постапката за пуштање на истата во употреба, министерството кое тој го предводи истакнува дека тие не се надлежни.

– Токму утрово се сретнав со директорот на техничкиот инспекторат. Што се однесува до надлежностите на Министерството за економија, безбедносниот сертификат, за техничката безбедност и безбедноста на граѓаните кои ќе го користат овој ски – лифт, веќе е испратен до Електрани на Македонија.  Што се однесува до денот кога ќе биде пуштен во употреба, треба да се обратите до Електрани на Македонија – изјави за ТВ 21 министерот за економија Крешник Бектеши.

Приказната со жичарата на Попова Шапка започнува со првиот договор за нејзина изградба потпишан на 10 март 2014 година. Уште тогаш земјоделското земјиште е пренаменето во градежно земјиште. Одлуката на Владата за ова е објавена во Службен весник бр. 190/14 од 02.12.2014 година.

Сепак, поради одложување на постапките од страна на институциите и некои други непознати фактори, изградбата на жичарата започна во јуни 2016 година. Повторно, веднаш се појавиле и други пречки. Државниот инспекторат за животна средина, заради нерегуларности, донел одлука за прекин на работите во јули 2016 година. Работата продолжила во јули 2018 година, а пуштањето во функција, дури ни денес 14 јануари 2020 година, сѐ уште не е реализирано.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Украина не мобилизира лица со Даунов синдром

Лицата со хромозомски пореметувања со значителни дисфункции, вклучително и лицата со Даунов синдром, не можат да служат војска, според Правилникот за воено-медицински преглед во вооружените сили на Украина. Украинскиот...