Наш заеднички приоритет е секојдневно зајакнување на финансиската стабилност на нашиот регион и затоа заеднички работиме и ќе работиме на тоа во рамки на нашиот мандат.

Ова го истакнаа гувернерката на Народната банка,  Анита Ангеловска-Бежоска и гувернерот на Хрватската народна банка, Борис Вујчиќ на првиот дел од нивната средба денеска во Скопје.

Вујчиќ пристигна во дводневна посета на нашата земја на покана на гувернерката Ангеловска-Бежоска, со цел продолжување на разговорите во кои акцентот е ставен на засилување на билатералната соработка во рамки на склучениот меморандум меѓу двете централни банки. Веќе се разговара и за соработка којашто би се одвивала преку натамошна размена на мислења и искуства од областа на централнобанкарската статистика, на истражувањето и на економското моделирање, како и во сферата на платежните услуги и платните системи.

Вујчиќ оценува дека со спроведените реформи, со унапредувањето на регулативата и со проектите остварени во изминатиот период, нашата централна банка постигна забележливи резултати, применувајќи голем дел од најдобрите европски и меѓународни практики. Како што кажа тој, тоа е дополнителен мотив хрватската и натаму да биде партнер и поддржувач на нашата централна банка, особено во усогласувањето со највисоките европски стандарди.