Британскиот принц Едвард, грофот од Весекс, вчера пристигна во официјална посета на земјава. На аеродромот „Скопје“ беше пречекан од вицепремиерката Радмила Шекеринска, како и од британската амбасадорка во Република Северна Македонија, Рејчел Галовеј. Денеска, пак, имаше официјална средба со новиот шеф на државата, Стево Пендаровски.

Принцот Едвард е најмалото дете на британската кралица Елизабета Втора. Тој во земјава претходно беше во 2006 година, кога свечено го отвори новиот објект на Обединетото Кралство во земјава.

Неговото височество вчера беше на свечен прием со Чивнинг стипендистите на британската влада. На вечерата принцот Едвард и премиерот Заев разговараа со дел од стипендистите на академската програма на Велика Британија, претставници на организации што работат со деца и младинци, претставници на помладата генерација претприемачи од бизнис заедницата, претставници на организации со програми за човекови права, како и со претставници на граѓанските организации.

Претпладнево неговото височество беше примен од претседателот на државата, Стево Пендаровски, кој посакувајќи му добредојде, посетата ја оцени како потврда за силните врски меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.

Пендаровски пред принцот Едвард ги презентирал приоритетите во неговата работа во следните пет години, со цел обезбедување на севкупниот напредок на земјата и реализирање на стратешките цели на државата – членство во Европската унија и во НАТО. Притоа шефот на државата Пендаровски посочил на потребата од подобрување на перспективите за младите, преку стипендирање на студентите и истражувачите, поддршка за научниот и технолошкиот напредок на државата и преку поддршка на младински иницијативи, а со цел спречување на одливот на мозоци од земјата, се дознава од соопштението од претседателскиот кабинет.

Високиот гостин денеска ќе посети градинка каде ќе му биде претставена програма спроведувана од УНИЦЕФ со поддршка на британската влада. Програмата за ран детски развој помага за развој на инклузивно однесување кај децата во претшколска возраст.

Неговото Височество, придружуван од министерот за надворешни работи Никола Димитров ќе присуствува на настан на кој ќе бидат промовирани врските помеѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија во областите на животна средина, образование, инклузија и уметност. Ќе бидат презентирани примери каде со помош на британска поддршка младите луѓе работат на изнаоѓање одржливи решенија за урбано планирање и биодиверзитет, одржлива мода, образовната програма „Училишта на 21 век“ спроведувана од Британскиот совет и инклузивна танцова претстава.