На прилепските земјоделци од селата Канатларци и Тополчани и околните населени места, треба да им бидат исплатени околу 80 милиони денари, отштета поради уништените посеви во невремето што ги зафати атарите на двете села на 24 јуни и 4 јули годинава.

Прилепските советници на денешната 30. седница на Советот на Општина Прилеп, ги прифатија извештаите од увидните екипи на терен и тие ќе бидат испратени до второстепената владина комисија, за натамошно усвојување.

-Со невремето кое на 24 јуни го зафати селото Канатларци и околните населени места беа зафатени 642 хектара земјиште со проценета штета од 74 милиони денари. Советот го усвои овој и извештајот за второто невреме, кое што на 4 јули го погоди подрачјето на Тополчани и другите населени места, кое зафати површина од 76 хектари. Висината на проценетата штета изнесува околу шест милиони денари. Советот на Општина Прилеп овој извештај ќе го испрати до второстепената владина комисија која на следната седница треба да го усвои извештајот и да изврши обештетување на жителите- вели Миле Талевски, претседател на Советот на Општина Прилеп.