Делегација на прилепските здруженија на бранители вчера изутрина положија свежи цвеќиња и им оддадоа почит на загинатите 10 прилепски бранители, коишто загинаа кај месноста Карпалак на автопатот Скопје – Тетово, на 8 август 2001 година, во време на воениот конфликт.
Свежи цвеќиња беа положени и на нивните вечни почивалишта, а се одржа и панихида во црквата „Света Петка“ во населбата „Точила“ во Прилеп. Највисоки делегации, на чело со вицепремиерката и министер за одбрана Радмила Шекеринска, прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, претседателот на општинскиот совет, Миле Талевски, претставници од кабинетот на Претседателот на РСМ, Стево Пендаровски, од АРМ, од здруженијата на бранители, здружението на борци, политички партии, граѓани и др. денеска се поклонија и положија свежо цвеќе и пред Спомен плочата на која се испишани имињата на загинатите бранители, во центарот на градот.
-Овој дел од историјата ќе остане во нашата меморија и оваа храброст мора да се памети. Нема поголема болка од тоа да изгубиш најблизок и никој не може да ја донесе таа утеха – рече во својот говор вицепремиерката Шекеринска.
Градоначалникот Јованоски ја потенцираше својата почит за херојското дело на загинатите бранители и изрази сочувство до семејствата.
-Денес сите ние заедно сме горди сведоци на нивното херојство, храброст и граѓанската одговорност, кога тоа од нас го бара татковината. Во овие заеднички мигови на тага и сеќавање на семејствата, сакам да знаете дека вашата болка е и наша болка. Со денешното чествување да ја споделиме тагата со вас, нивните најблиски, семејствата на загинатите наши храбри сограѓани – рече градоначалникот Јованоски.
На 8 август 2001 година, кај месноста Карпалак, беа убиени: Сашо Китановски, Нане Наумовски, Марко Деспотовски, Љубе Груески, Бранко Секулоски, Дарко
Велјаноски, Горан Миноски, Пеце Секулоски, Веби Рушидоски и Ердован
Шабаноски, сите припадници на резервниот состав на АРМ од Прилеп.