Вечерва со „Мажите не плачат“ во режија на Ален Дрљевиќ почнува ревијата филмови од минатите изданија на „Киненова“, а приходот од влезниците ќе биде наменет за семејствата на настраданите во несреќата во Кочани, соопштуваат организаторите.
„По најголемата трагедија во поновата македонска историја, ние како фестивалски тим одлучивме дека програмата која требаше да биде само наговестување за десеттото, јубилејно издание на фестивалот „Киненова“, да им ја посветиме на настраданите во големата несреќа во Кочани со давање хуманитарен карактер на истата. Целокупниот приход од влезниците на овој настан ќе биде наменет за семејствата на настраданите во несреќата во Кочани. Настанот ќе се одвива од 30 март (недела) до 3 април (среда) во киното „Киноверзум“, во Домот на културата „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода“, соопштуваат организаторите.