Евгениј Пригожин, шефот на руската платеничка компанија „Вагнер“ вчера призна дека ја основал и финансирал Internet Research Agency, компанијата што официјален Вашингтон ја нарекува „трол фарма“ што се вмешувала во претседателските избори во САД во 2016 година, јави Ројтерс.
Пригожин честопати го нарекуваат „готвачот на Путин“, бидејќи неговата кетеринг-фирма има договор за снабдување со Кремљ. Тој е близок сојузник на рускиот претседател, а во последните месеци е меѓу најистакнатите лица поврзани со руската инвазија на Украина.
Платеничката војска „Вагнер“ сочинува една четвртина од руските борци во Украина
Тој претходно призна вмешување во изборите во САД, но неговата вчерашна изјава оди дури понатаму, бидејќи недвосмислено ја презентира неговата специфична врска со Internet Research Agency (IRA), компанија со седиште во Санкт Петербург, вториот најголем град во Русија.
„Готвачот на Путин“ Евгениј Пригожин призна вмешување во изборите во САД
„Јас никогаш не сум бил само финансиер на IRA. Јас ја осмислив, јас ја создадов, јас ја управував долго време“, гласи изјавата на Пригожин во пост споделен на социјалните медиуми од страна на службата за односи со јавноста на „Конкорд“, фирмата за кетеринг на Пригожин.