fbpx

Превозниците од „Транспортер“ не сопреа, туку тераат по старо, па и уште побрзо (1)

-

Специјалното јавно обвинителство има нови докази во случајот со превоз на ученици, „Транспортер“, во кој првоосомничен е градоначалникот на Општина Битола, Владимир Талески, брифираат од ова обвинителство за „Мета“. Според информациите до кои дојдовме, СЈО има испратено триесетина нови барања за увид во документацијата во училиштата во Битола, Министерството за финансии, осомничените превозници…

Најголемите манипулации, според СЈО, се правени со тендерите во 2009 и во 2011 година. Според Законот за превоз, пак, забрането е да се меша општински превоз со превоз на ученици.

transport-opstina-bitola-meta
Криминалната шема на превозниците на ученици во општина Битола

СТАРИ ПРЕВОЗНИЦИ – НОВИ ТЕНДЕРИ

„Мета“, исто така, дојде до сознанија и дека речиси сите фирми кои се обвинети за малверзации со училишниот превоз во Битола, во случајот „Транспортер“, кој го отвори Специјалното јавно обвинителство во април годинава, повторно добиле тендер за превоз на ученици во општината.

Парадоксот да биде поголем, пак, истиот ден кога СЈО информираше за случајот „Транспортер“, во кој се отвори истражна постапка против 22 лица, поради постоење на основано сомневање дека сториле кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, две од осомничените фирми за криминал добија две нови линии за опслужување во општина Битола.

Општина Битола одлучи „Џем турс“ и „Боби  турс“ да се превозниците што ќе ја опслужуваат новата линија број три, што ќе поминува покрај делот од градот наречен Мал Париз како и во горниот дел на Битола кај болницата „Плодност“, а ќе кружи по булеварот до местото наречено Дулието и обратно.

До вакви сознанија дошле и од СЈО.

– Имаме сознанија дека превозниците што се осомничени во овој случај повторно вршат превоз. Договорите, пак, постојано им се дополнувани со анекси. Тие вршат превоз на ученици, линии кои ги добиваат ако конкурираат за добивање линии за градски превоз. Спорно во најголем дел е тоа што Општината нема донесено одлука дека општинскиот превоз треба да е поврзан со линии за превоз на ученици – брифираат од СЈО за „Мета“.

Инаку, Тефик Шабановски, татко на сопственикот на „Џем турс“, Ариан Шабановски, е учител по македонски јазик во албански паралелки во училиштето „Крсте Петков-Мисирков“, во селото Бистрица, каде што овој превозник врши и превоз на ученици.

Тој вели дека поголемите фактури се добиени поради зголемениот број деца што се превезуваат.

– Тендерот за превоз беше објавен со цена по ученик. Ние сме дале една сума, но поради тоа што образованието е задолжително, се пријавиле повеќе деца со што се зголемила и сметката. Затоа излегува дека се фактурирани поголеми суми – вели Шабановски.

Сепак, тој не сакаш да образложува повеќе, напомнувајќи ни дека управител на фирмата за превоз е неговиот син. На крајот само ни рече:

– Повеќе од 32 години го работам овој бизнис и хранам семејство од него. Сакам докрај да се расчисти оваа работа и да се тргне сомнежот од нас.

Според Ариан Шабановски, неговата работа нема никаква врска со неговиот татко затоа што тој е сопственик на фирмата. Тој ни потврди дека на тендер добил уште една линија за превоз на патници низ Битола.

– Не знам за што ме обвинуваат. Не е точно дека не работам по тендерската документација. Сме конкурирале на тендер и сме добиле, не знам што има тука спорно – ни изјави Ариан.

Управителката на „Боби турс“ за овој случај доби и куќен притвор. Сепак, во тој период таа е разрешена од функцијата управител во фирмата и на нејзино место е назначен друг управител.

Од Општина Битола на прашањето на „Мета“ дали е точно дека осомничени фирми добиле нови линии за превоз, велат дека договорите за линиите за превоз сè уште се со рок на важност.

На прашањето дали истрагата за овој случај продолжува и дали е точно дека ги зголемувале сумите на фактурите, оттаму ни одговорија:

„Ве известуваме дека Општина Битола нема информации за тоа дали има зголемени фактури, бидејќи контролата на фактурите не е надлежност на Општината, а во овој период нема посета од страна на Специјалното јавно обвинителство“.

СЛУЧАЈ „ТРАНСПОРТЕР“

sjo-katica-janeva-5-860x680Инаку, 22 лица, меѓу кои како првоосомничен се јавува градоначалникот на Општина Битола, Владимир Талески, се осомничени дека злоупотребиле 360.000 евра од буџетот на Република Македонија преку злоупотреба на службената положба. Тие се дел од предметот што во април го отвори Специјалното јавно обвинителство, под име „Транспортер“.

Како што истакна тогаш обвинителката Фатиме Фетаи, постои основано сомневање дека Владимир Талески, градоначалникот на Општина Битола, и Слободан Бончановски, претседателот на Комисијата за јавни набавки на Општината, формирана од градоначалникот, во договор со директорите на основните и на средните училишта во Битола и со одговорните лица на превозниците „Хера-турс“, „Транскоп“ АД, „Џем турс“, „Боби турс“, „Џими турс“, „Д и А  Хера транс“, „Лука експрес“, „Марија транс“, „Турист превоз“, „Хера превоз Новка“ и „Гопеш транс“, нанеле вкупна штета на буџетот на Република Македонија во износ од 22.024.891 денар или околу 360.000 евра, за само две учебни години.

Кривичниот законик, конкретно членот 122, став 36 од КЗ, го класифицира ваквиот износ на штета како износ од големи размери поради фактот што е поголем од износот на 250 просечни плати во Република Македонија во времето на извршување на делото.

Во извршувањето на кривичните дела, истакна Фетаи, константни се градоначалникот на Општината и претседателот на Комисијата за јавни набавки и сопственик на книговодствено биро кое го водело книговодството на некои од превозниците што ги добиле тендерите.

– Тие учествуваат во сите дејства. Тоа се 81 дејство кои се спротивни на Законот за јавни набавки, спротивни на склучените договори, спротивни на Законот за средно  образование и спротивни на Законот за основно образование. Taкoв е ставот и на министерот за финансии во споменатиот разговор (прислушуваните телефонски разговори што ги објави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, н.з.), како што вели: „коруптивни до даска“. Со тоа што, сега веќе, тоа е став и на вештите лица, а произлегува и од другиот прибран материјален и вербален корпус на докази –  изјави Фетаи.

Конкретно, иако ги знаеле сите факти за понудата, се разбира и цената дадена по денови, управителите на правните лица кои вршеле превоз на учениците фактурирале износи значително повисоки од износите понудени и прифатени во јавната набавка. Таквите фактури со недоговорените износи биле одобрени од осомничените како директори на средните училишта – корисници на услугата, кои за овие фактури сочинувале месечен извештај и го доставувале до градоначалникот на општината, кој ги одобрувал ваквите износи во извештаите и ги потпишувал налозите за плаќање на таквите недоговорени износи, спротивно на јавната набавка.

(Второто продолжение со наслов „Превозниците ги проширија линиите, а СЈО истрагата зa ’Транспортер’“ ќе можете да го прочитате утре)

Пишува:

Владо Ѓорчев

Ова истражување е овозможено со поддршка од американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) во рамките на Програмата на УСАИД за антикорупција. Содржината на публикацијата е одговорност на авторот и не ги изразува ставовите на УСАИД или на Владата на Соединетите Американски Држави, како и Македонскиот центар за меѓународна соработка и Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје.

logoa USAID, MCMS, IDSCS

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...