fbpx

Превозниците ги проширија линиите, а СЈО истрагата зa „Транспортер“ (2)

-

Нелогичностите со фирми што вршат превоз во општина Битола и понатаму се главен сомнеж за корупција.

Како што вчера објави „Мета“, (Првиот дел  од новинарското истражување за случајот „Транспортер“ прочитајте го тука). Специјалното јавно обвинителство има нови докази во случајот со превоз на ученици, „Транспортер“, во кој првоосомничен е градоначалникот на Општина Битола, Владимир Талески. Според информациите до кои дојдовме, СЈО има испратено триесетина нови барања за увид во документацијата во училиштата во Битола, Министерството за финансии, осомничените превозници…

Најголемите манипулации, според СЈО, се правени со тендерите во 2009 и во 2011 година. Според Законот за превоз, пак, забрането е да се меша општински превоз со превоз на ученици.

Тоа што се забележува при проверката на фирми што вршат превоз во оваа општина е што истите превозници кои добиле тендери за превоз на ученици, вршат превоз и на патници (градски превоз). Сепак, како што дознаваме, Советот на Општина Битола нема донесено одлука со која може превозниците што вршат превоз на патници автоматски да добијат и градски линии. За тоа е потребен нов јавен повик, кој, според нашите информации, не е направен. Имено, дознаваме, дека градските линии превозниците ги добиле како „награда“ за тоа што вршат и превоз на ученици.

До вакви сознанија дошле и од СЈО. Оттаму за „Мета“ брифираат дека тоа е незаконски.

– Нема одлука со која тие што вршат превоз на ученици, паралелно вршат и превоз на патници. Затоа тој момент е интерес и на Специјалното јавно обвинителство – велат од СЈО за „Мета“.

ИСТА АДРЕСА, СТАРИ ФИРМИ

Тоа што е уште почудно е фактот дека пет друштва за превоз на патници – „Хера-турс“, „Хера превоз Новка“, „Д и А Хера транс“, „Хера превоз“ и „Хера транс С и Џ“, кои во општина Битола вршат превоз на патници (ученици и градски превоз) се регистрирани на иста адреса, а тоа е Први мај б.б. Три од овие фирми ( „Хера-турс“, „Д и А  Хера транс“, „Хера превоз Новка“) се осомничени во случајот „Транспортер“ за злоупотреба на службена должност.

Поединечно, пак, сите фирми што вршат превoз на патници во општина Битола, даваат свои услуги и во други општини или владини институции и министерства.

Така, „Транскоп“ превезува патници и во општина Ресен, Крушево и во Демир Хисар.

„Лука експрес“ со договор склучен на 12 август 2015 година (неколку месеци по поднесената кривична пријава од СДСМ за случајот со Општина Битола) добива тендер за превоз за потребите на Министерството за одбрана (МО) и на Армијата на Македонија (АРМ).

„Боби-турс“ врши превоз на ученици и во Ресен за СОУ„Цар Самоил“.

На прашањето дали повторно добиле тендер за нова линија на превоз на патници во Битола, Александар Стојчевски од „Лука експрес“ ни одговори:

– „Лука експрес“ конкурираше во 2015 година на тендер за општински градски линии и тоа конкуриравме на сите можни линии, но добивме само две и тоа линија 4 и линија 9. Договорот за тие линии ни е на пет години и тоа до 2020 година.

За обвинувањата од СЈО против компанијата за злоупотреба на превозот на ученици со Општина Битола, Стојчевски тврди дека тоа се измислици.

– По завршувањето на истрагата, „Лука експрес“ е со намера да си спроведе соодветна тужба до лицата што ја инволвираа оваа приватна фирма во меѓусебни политички пресметки – вели Стојчевски за „Мета“.

Дел од фирмите како што се „Марија транс“ и „Гопеш транс“, се осомничени само за направена штета, но не и за остварена корист, со што нивните обвиненија се поблаги.

Две од фирмите  – „Џими турс“ и „Хера турс“, пак, имаат браќа за сопственици, Џими и Сашо Мицевски.

КРИМИНАЛ СО УЧИЛИШТАТА

fatime-fetai-SJO-transporter-2-860x680Обвинителката Фетаи на прес-конференцијата на која го објасни случајот „Транспортер“ информираше за два случаи како се вршел криминалот со превозот на ученици. Во првиот на ДСУ „Јане Сандански“, превозникот ДСТУ „Хера турс“ ДООЕЛ Битола, доставил 10 фактури во вкупен износ од 304.080 денари, иако понудената цена за истиот период е 133.035 денари, така што превозникот прибавил имотна корист од 171.045 денари.

Во вториот случај, на ООУ „Александар Турунџев“ од село Кукуречани, Битола, превозникот Патнички сообраќај – „Транскоп“ АД Битола, доставил една фактура во вкупен износ од 176.800 денари, иако понудената цена за тој период е 84.000 денари, така што превозникот прибавил имотна корист од 92.800 денари.

Директорот на ОУ „Александар Турунџев“ од село Кукуречани, Никола Јовески, вели дека е директор од 2014 година и во периодот за кој се води истрагата не бил на раководна позиција во ова училиште.

– Меѓутоа, добро сум запознаен со сето ова за кое СЈО обвинува. Неколкупати истото го објаснив и на претставниците од СЈО кои беа во Општина Битола. Им доставивме фактури и цела потребна документација од каде што можеа да увидат дека не постои такво нешто. Од СЈО како да не сакаат да видат што кажуваат документите, туку се држат цврсто на она што сами го кажуваат и си веруваат во тоа. Истото ви го кажувам и Вам, нема таква фактура, не постои такво нешто. Ова е обвинение кое не се темели на докази, само на празни искази – вели Јовески.

Побаравме одговор и од другите превозници на прашањето од каде се појавува разликата во фактурирањето и во цената добиена на јавниот повик.

Од „Боби-турс“ ни одговорија дека проблемот настанал при „празен од“ во вршењето на превоз.

– Ако на „Транскоп“ единечна цена на билет за релацијата Битола – Живојно му е 100 денари, ние сме се пријавиле на повикот и сме понудиле 330 денари дневно. Таа линија ние ја возиме осум пати дневно, носиме ученици во неколку смени и сето тоа за 330 денари. Ние мораме да си ги наплатиме празните тури, па за тоа имаме трошоци. Тоа се и вишокот пари кои сакаат да ги претстават од СЈО – вели Вангел од „Боби-турс“, кој не сакаше да ни се претстави со презиме.

Тој додава дека досега никој не ги консултирал, а за притворите и за целиот случај тврди дека се партиска игра.

– Никој од СЈО не нè консултирал. Дознавме дека немаат ниту целосна документација од училиштата. Земале само дел од документите и направиле случај. Нека дојдат, нека се качат во автобус и нека видат на кои релации ние земаме и враќаме ученици. Тоа се места кои никој не сака да ги опслужува – вели Вангел.

Од СЈО ги демантираат овие обвинувања и категорично тврдат дека земена и прегледана е целосната документација на осомничените фирми.

Од „Транскоп“ и покрај тоа што уредно им беше пратен мејл со прашања пред еден месец, тие не најдоа време да ни одговорат.

На нашите прашања за коментар за обвинувањата не сакаа да одговорат ниту директорите на училиштата што се споменуваат во актот на осомничени од Специјалното јавно обвинителство.

Од „Хера-турс“ побаравме изјава од Кристина Мицевска, која ни се претстави дека е сопственичка и која ни рече дека може да разговараме, но не веднаш туку по два-три дена затоа што е зафатена од премногу обврски. Сепак, утредента телефонски ни се јави машко лице, кое не сакаше да се претстави и кое ни се закани да го заборавиме телефонскиот број на Мицевска, со зборовите: „Да не го решиме ова на поинаков начин“.

taleski na raspit vo sjo 3Се чини дека и покрај манипулациите за кои ги осомничи СЈО, превозниците и директорите на битолските училишта, со градскиот превоз во Битола сè е по старо. Истите фирми добиваат нови линии, превозот продолжува, а обвинетите негираат. Сепак, работата на СЈО продолжува, а на 20 јули годинава на распит повторно беше повикан првоосомничениот во овој случај, градоначалникот на Битола, Владимир Талески.

Тој од Кривичниот судски совет, а на барање на СЈО, доби и продолжување на куќниот притвор за уште 30 дена.

– Станува збор за наметната постапка и не може врз основа на една снимка да се прави ваква политичка хајка – изјави битолскиот градоначалник Владимир Талески, по излегувањето од Специјалното јавно обвинителство.

Во врска со тендерите за училишниот превоз во Битола, Талески рече дека постапките биле транспарентни и оти тоа ќе го докажат.

Прашан околу информациите дека од куќен притвор ја води Општината, битолскиот градоначалник кратко одговори: „Има одлука од Обвинителството која јас мора да ја почитувам“.

transport-opstina-bitola-meta

СЈО: ПАТОТ ДО ПОВИСОКИ ФАКТУРИ

Од тоа што, пак, беше обелоденето на прес-конференцијата на СЈО, наплатата била извршена во периодот 2012-2014 година, во најголем дел преку цесии, поради фактот што на  училиштата им биле блокирани жиро-сметките поради неисплатен превоз.

Според сомневањето на СЈО, на ист начин е направена злоупотреба на буџетски средства и со основните училишта. И директорите на основните училишта во договор со градоначалникот и со превозниците биле криминално инфицирани, како и нивните колеги од средните училишта и постои основан сомнеж дека сториле кривично дело – злоупотреба на службената положба и овластување.

За управителите на превозниците во 2009-2010 година како одговорни лица не е предвидена кривична одговорност при јавни набавки и затоа за тој период истите не го стекнаа својството на осомничени лица.

„Секако дека со тоа не се исцрпени сите криминални дејства за кои постои основано сомневање дека се извршени од помилуваниот градоначалник на Битола и од другите осомничени. Имено, во учебната 2010-2011 година, Општина Битола преку градоначалникот го плаќала превозот на ученици на сите возможни начини за да го оштети буџетот на Република Македонија, а во корист на локалните правни лица кои вршеле превоз. Воопшто, со неколку зборови, локалната самоуправа на Битола, преку градоначалникот, го плаќала превозот на учениците и на правните лица за организиран превоз на ученици, меѓутоа и на транспортните претпријатија кои биле носители на општинскиот линиски превоз за потребите на сите граѓани на Општина Битола, односно го плаќала двапати“, стои во обвинението од СЈО.

Пишува:

Владо Ѓорчев

Ова истражување е овозможено со поддршка од американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) во рамките на Програмата на УСАИД за антикорупција. Содржината на публикацијата е одговорност на авторот и не ги изразува ставовите на УСАИД или на Владата на Соединетите Американски Држави, како и Македонскиот центар за меѓународна соработка и Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје.

logoa USAID, MCMS, IDSCS

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Бизнисот на задоволството“ доби награда за најдобар долгометражен филм на фестивал во САД

Филмот „Бизнисот на задоволството“ на авторот Гоце Цветановски ја доби наградата за најдобар долгометражен филм на „Риверсајд Филм фестивал“ во Калифорнија, САД. Фестивалот, што се одржа од 10 до...