Млекото за доенчиња „новалак 1“ (Novalac 1) од 400 грама, серија 9903524, со рок на употреба до 24 септември 2019 година на производителот „Меди-Европа СА“ (UP Medi-Europa SA) со потекло од Франција, превентивно се повлекува од продажба. Причина за повлекувањето е евентуално присуство на несоодветна содржина на естер на масни киселини (3-MCDP, глицидил естер), утврден во анализата, соопштија денеска од компанијата „Медис ДОО“ во Скопје, која е диструбитер на производот.

За да се избегнат какви било можни негативни последици врз здравјето, од компанијата советуваат купувачите да не го употребуваат конкретниот производ од наведената серија и со посочениот рок на траење. Купувачите можат да го вратат производот од оваа производна серија во аптека и ќе им бидат вратени паричните средства.

„Естрите на масни киселини се формираат во производство на растителни масти и масла и се присутни во речиси сите термички обработени намирници кои содржат растителни масти, меѓу другите и во млечната храна за доенчиња. Прехранбената индустрија, Светската здравствена организациа (СЗО), Европската агенција за безбедност на храна (ЕФСА) и други институции кои се занимаваат со производство на храна и нејзина регулатива веќе со децении го проучуваат влијанието на овие супстанци врз здравјето на луѓето. Влијанието врз здравјето сè уште не е целосно дефинирано и јасно. Германскиот федерален институт за оценка на ризикот (Bundesinstitut fur Risikobewertung) во 2016 година издаде препорака во која е истакнато дека и покрај фактот дека естрите на масните киселини во млечната храна за доенчиња се присутни со децении, досега нема никакви докази дека доенчињата хранети со млечна храна поради тоа имаат какви било здравствени проблеми“, стои во соопштението.

Купувачите може да добијат дополнителни информации на info@novalac.mk, како и на телефонските броеви 00389 22603604 и 00389 786 42 772.