Претставени новите инвестиции во стартап компании на Акцелераторот УКИМ

Фото: УКИМ Акцелератор

Пред повеќе од сто гости од академската заедница, приватниот сектор и инвеститори, Акцелераторот УКИМ вчера во просториите на Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ ги претстави резултатите од работењето во изминативе четири години и ги презентираше новите три инвестиции во стартап компании.

Акцелераторот УКИМ беше основан во 2018 година од страна на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и уште три содружници со специјалност во управување во инвестициското портфолио и развој на бизнисот.

Во презентацијата на најновите инвестиции учествуваа Тамара Димитрова, ко-основач на Импала, Игор Арсовски, основач на М-Букинг и Енес Ибраими, ко-основач на Клони софтвер. Пред присутните се обратија и ректорот на УКИМ проф. д-р Никола Јанкуловски, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) Фестим Халили.

„Со формирањето на Акцелераторот УКИМ ја покажавме и својата општествена одговорност да му помогнеме на човештвото кое особено изминативе години се соочува со сериозни кризи и предизвици и потребата научните и стручни капацитети на нашиот Универзитет да ги ставиме во функција на општествениот и технолошкиот развој. Нашиот придонес во развојот на стартап компаниите се состои од пристапот до експерти од сите научни подрачја, големиот број лаборатории и материјални ресурси со кои располагаме, и заедно со останатите содружници им овозможуваме меѓународно вмрежување и влез на глобалниот пазар“, изјави ректорот Јанкуловски.

За младите бизниси, инкубаторите и акцелераторите се исклучително важни, рече вицепремиерот Битиќи.

„Силно верувам во поттикнување на стартапите и новите иновативни компании, вие сте тие кои ќе нè воведат во четвртата индустријализација. Со вас можеме да решаваме голем број на социјални и општествени проблеми, да ги користиме најоптимално ресурсите и да ги дигитализираме нашите компании и институции, и заедно со вас да работиме на поголема инклузивност и диверзификација, со единствена цел да имаме подобар економски и општествен развој. Му честитам на акцелераторот УКИМ и им посакувам големи успеси на компаниите“, кажа во неговиот говор заменик претседателот на Владата, Битиќи.

Директорот на ФИТР во своето обраќање истакна дека акцелераторите имаат клучна улога во националниот систем за иновации и претставуваат вистинско место за стимулирање на иновативни стартапи.

„Навистина ме радува што Акцелераторот УКИМ денеска покажа дека проектот кој го започнавме пред четири години заедно со Светска Банка, резултира со успех и јасно покажува дека Република Северна Македонија е на добар пат да биде стартап хаб во регионот. Акцелераторот УКИМ кој инвестираше 533.000 евра во 10 стартапи, и е еден од трите акцелератори кои беа поддржани од ФИТР преку јавниот повик за воспоставување, работење и инвестиции во деловно технолошки акцелератори, денеска покажа дека македонските стартапи сериозно работат на својата инвестициска подготвеност, но и дека со заедничка соработка и поддршка можеме побрзо да растеме и да се развиваме”, истакна Халили.

Од Акцелераторот УКИМ додаваат дека истиот е единствен во неговата способност да обезбедува квалитетни и уникатни услуги за заедницата на иноватори и претприемачи и претставува совршена можност да се поврзе академијата со приватниот сектор.