Претставата „Види, летам!“ в четврток во чест на 30-годишнината на Претставништвото на УНХЦР во земјава

Станува збор за претстава која е правена по вистински приказни на лица бегалци, баратели на азил и лица без државјанство. Влезот е бесплатен

фото: Вондерленд Театар

На Академската сцена на Факултетот за драмски уметности во Скопје во четврток (5 декември) со почеток во 20 часот ќе биде изведена претставата „Види, летам!“, во чест на 30-годишнината од отворањето на Претставништвото на УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци во Северна Македонија.

Влезот за претставата е слободен.

„Види, летам!“ е проект на Вондерленд театар од Скопје, во соработка со Младинскиот образовен форум (МОФ) и УНХЦР.

Станува збор за претстава која е правена по вистински приказни на лица бегалци, баратели на азил и лица без државјанство. Овие луѓе на посебни работилници водени од тимот на претставата, храбро ги споделиле своите животни искуства со актерите, авторот и режисерот. Нивните идентитети во текот на целиот процес остануваат заштитени и анонимни.

Раскажаните приказни авторката на претставата Ана Ристовска Трпеноска ги преточи во емотивен текст кој говори за трауматичните настани низ кои овие лица поминувале, но и за нивните детства, соништа, емотивни потреби, љубовни искуства и потребата да бидат дел од заедницата која често ги отфрла.

Проектот е во режија на Ивана Ангеловска, а под креативно водство на уметничкиот координатор Нела Витошевиќ. Во претставата играат актерите Никола Настоски, Исмет Шабановиќ, Ана Димитрова, Леонардо Лазов и Сара Спиркоска.

Вондерленд театар е независна театарска продукција со седиште во Скопје. Главните цели на продукцијата, како што велат од таму, се кревање на свеста за потребата од културна и општествена промена, како и внесување свежина на независната уметничка сцена, експериментирајќи со алтернативни места и виртуелен простор.