Претставата „Ништо не е страшно“ е победник на Драмскиот аматерски фестивал во Кочани

фото: Драмски аматерски фестивал / Фејсбук

Претставата „Ништо не е страшно“ во изведба на театарот „Пи“ од Скопје ја доби наградата „Васил Ќортошев“ за најдобра претстава на 59. издание на Драмскиот аматерски фестивал (ДАФ), којшто од 23 до 29 мај се одржа во Кочани.

По двегодишни „вонредни“ изданија на еден од најстарите фестивали во Македонија поради ковид пандемијата, годинава публиката во Кочани уживаше во програмата од која, покрај аматерските претстави што влегоа во конкуренција, дел беа и дополнителни музички настани, концерти и поетски читања.

Оваа година аматерскиот театарски фестивал понуди 12 претстави во конкуренција, од кои три беа одиграни од гостински театарски групи од Србија, а девет од домашни театри и театарски групи.

Кристина Атанасова Арсова, извршна директорка на Драмскиот аматерски фестивал, за „Мета.мк“ вели дека е задоволна од организацијата на фестивалот и дека интересот за следење на претставите што се играа на отворено бил голем.

„По две години се вративме на театарските штици, во гледалиштата и уживавме. Јас сум задоволна како организатор, публиката во Кочани е желна за настани и фестивалот беше вистинска можност да излезат, да се видат со пријателите и едноставно да уживаат во театарските претстави. Посетеноста е многу голема, од причина што фестивалот се одржа на отворено, па секој минувач што од љубопитност ќе застанеше ќе останеше до крајот на претставата“, вели Атанасова Арсова.

Дел од дневната програма на ДАФ беа детски претстави што се играа во Мултикултурниот центар во Кочани, додека вечерните претстави што влегоа во конкуренција се играа на отворено во Паркот на револуцијата.

ДАФ е единствениот фестивал што го негува, закрилува и одржува драмскиот аматеризам во земјава, а градот Кочани е домаќин на овој фестивал веќе 46 години.

„Јас сум среќна што драмскиот аматеризам продолжува да живее и понатаму, што имаше толку многу пријавени претстави. Аматеризмот е семето на професионализмот и сè тргнува оттаму“, истакна Атанасова Арсова.

Во однос на тоа дали и како театарските претстави, а особено аматерските, се промениле за време на пандемијата, извршната директорка на ДАФ вели дека театарот сега нуди поинакви искуства за публиката, па претставите сега се збогатени со иновации, анимации и со видеа.

„Сметам дека театарските претстави се променија најмногу по иновациите. Сега веќе вклучуваме повеќе анимација, вклучуваме видеа, проекции, така што кога работиме во затворен простор и не можеме да комуницираме едни со други, почнуваме да бараме алатки како да го претставиме театарот и како ние да продолжиме да живееме и да дишеме театарски. Има доста иновативни работи во аматеризмот, што ме радува, затоа што оттука почнува сè за сите оние што сакаат да се занимаваат професионално со театарот“, вели Атанасова Арсова.

Покрај Гран-при наградата, годинава на ДАФ беа доделени и останатите награди, меѓу кои и наградите за најдобри машки и женски улоги, најдобра режија, награда за истражување нови сценски изразни средства и експеримент во аматерскиот театар и специјална награда за најдобра детска претстава.

Драмскиот аматерски фестивал е еден од најстарите фестивали во државата. За првпат се одржал во 1961 година, истата година кога е одржано и првото „Охридско лето“. Во Кочани доаѓа во 1977 година и оттогаш станува културен белег на градот.