Претседателот Радев ја свика конститутивната седница на новиот бугарски парламент за задутре

Принтскрин од Румен Радев; Извор на видео: Влада на РСМ

Претседателот на Бугарија, Румен Радев, денеска ја свика за 15 април во 9 часот Конститутивната седница на новиот бугарски парламент. Радев го повлече потегот откако во последниот број на „Државен весник“ на Бугарија беа објавени мандатите, односно имињата на новите пратеници.

Што се однесува до формирање владина коалиција, во Бугарија работите уште се многу неизвесни. Двете политички сили со најмногу освоени гласови на парламентарните избори на 4 април – досегашната главна партија на владината коалиција ГЕРБ на премиерот Бојко Борисов и „Има таков народ“ на шоуменот Слави Трифонов објавија дека се подготвени да формираат владина коалиција, со оглед на расцепканоста на гласовите во вкупно шест партии што го поминаа цензусот и влегоа во парламентот.

Тоа не беше случај со националистичката ВМРО-БНД, на досегашниот вицепремиер Красимир Каракачанов, која не успеа да обезбеди доволно гласови за да стане парламентарна сила. Како и да е, „Има таков народ“ на Трифонов ја има истата националистичка реторика во поглед на Северна Македонија, а неговото телевизиско шоу во текот на две децении речиси постојано се потсмеваше со националниот македонски идентитет.

Иако и ГЕРБ на Борисов и „Има таков народ“ кажаа оти може да формираат владино мнозинство, по се изгледа тоа нема да му тргне од рака на Борисов, оти сите парламентарни партии ја отфрлија можноста да влезат во коалиција со ГЕРБ, но се подготвени да ја формираат новата владина коалиција со шоуменот Трифонов.