Претседателот Пендаровски ја потпиша Декларацијата за деца, млади и климатска акција

Извор на фотографија: Кабинет на Претседателот на РСМ

Претседателот Стево Пендаровски денеска ја потпиша Декларацијата за деца, млади и климатска акција, во присуство на млади активисти кои учествуваа на Младинскиот самит за климатски промени во Скопје, министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини и претставничката на УНИЦЕФ во Северна Македонија, Патриција ДиЏовани.

По повод потпишувањето на Декларацијата, во Кабинетот се одржа тематска дебата, на која се дискутираше за обврските што произлегуваат од годинешниот Самит за климатски промени COP26 во Глазгов, тековните активности што се преземаат од Министерството за животна средина и просторно планирање, и следните чекори на национално ниво.

Младите активисти дискутираа за можностите за нивно пошироко вклучување во процесите на одлучување и креирање на политиките за климатски промени и изразија интерес за мерките што се преземаат со цел заштита на шумите, редукција и превенција на отпадот и подобрување на квалитетот на взодухот.

Претседателот Пендаровски го поздрави ентузијазмот на младите и истакна дека оваа Декларација нè потсетува дека еден од главните мотиви за справување со климатските промени се токму децата и младите, односно нивното право на безбедна клима и здрава животна средина.

„Мора да создадеме простор младите како најинформираната и најдигитализирана генерација да бидат вклучени во справување со еколошките проблеми и да го кажат своето мислење за климатските политики“, порача претседателот, додавајќи дека особено важно е подигање на јавната свест и обучување на младите, за што е неопходно интегрирање на климатските и еколошки аспекти во Националната стратегија за образование, односно во наставните програми.

Министерот Нуредини ги сподели националните климатски амбиции и ги охрабри младите активно да учествуваат и во донесувањето на првиот Закон за климатска акција, со кој правно ќе се трасира патот кон јаглеродната неутралност на земјава.  Исто така, министерот ги повика младите да бидат активни и гласни за да бидат слушнати препознавајќи ги како движечка и мотивациска сила за градење на климатски отпорна држава.

Претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани, поздравувајќи го потпишувањето на Декларацијата истакна дека овој документ ги прикажува заложбите на земјите да ги земат предвид потребите, правата и перспективите на децата во политиките за климатски промени на сите нивоа.

„Потпишувањето на Декларацијата е важен момент што следи по Младинскиот самит за климатски промени, каде што ги слушнавме младите луѓе, нивните грижи и повици за акција за заштита на животната средина. Истовремено, го покажува огромниот капацитет на децата и младите да бидат моќни агенти за промена“, рече ДиЏовани, додавајќи дека климатската криза е криза на детските права.

Северна Македонија се приклучи на триесетина европски земји-потписнички на Декларацијата за деца, млади и климатска акција, која е усвоена на Самитот за климатски промени во Мадрид во 2019 година.